ФРОДЕМ: Ја подржуваме иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

ФРОДЕМ повеќе години работи на демократизација во ВМРО-ДПМНЕ и на целата држава. Своите активности ги започна во најтешките моменти за државата кога владееше страховлада и секојдневна од опасност политичко-полициски прогон. Бевме свесни дека партизацијата на државата како антипод на демократското уредување својот корен го имаше и се уште го има во статутарната поставеност во ВМРО-ДПМНЕ. Оваа недемократска поставеност создаде услови за султанско внатрепартиско владеење и авторитарно популистичка инвазија и метастаза на целиот политички систем, велат од ФРОДЕМ.

Еве го нивното соопштение во целост:

ФРОДЕМ е подготвен за соработка и за заеднички реформи за демократизација на партијата, чија прва задача треба да биде ослободување од криминалните структури. ФРОДЕМ стои на располагање за заедничко враќање на внатрепартиската демократизација, пред се преку враќање на изворните статутарни одредби од 1990 година и затоа ја поддржуваме секоја искрена иницијатива која ќе води кон демократски внатрепартиски реформи.

Поддржуваме враќање кон изворните, искрени демохристијански вредности и политика на конструктивен политички ривалитет кој никогаш повеќе нема да ги дели граѓаните на патриоти и предавници. На државата и се потребни чесни партии, чесно членство и вистински патриоти кои треба да ги има во сите партии.

ФРОДЕМ конкретно ја поздравува иницијативата на Републички штаб за реформи на ВМРО-ДПМНЕ за реформирање на партијатз се разбира доколку не е во спрега со одредени струтури во партиската озлогласена вршушка односно доколку не се работи за уште една нечесна партиска игра за одвлекување на вниманието од актуелните истражни и предистражни активности на надлежните изнституции.

Истовремено ги поттикнува сите патриотски сили во партијата и симпатизерите да земат активно учество во демократските промени. Внатрепартиските демократски промени за своја крајна цел ја имаат ВМРО-ДПМНЕ како трансформирана, демократска, модерна партија која се залага за стабилен поредок, владеење на законот и правично судство, брз економски развој и висок стандард и конечно забрзана евроатланска интеграција на Македонија.

ФРОДЕМ уште еднаш потенцира ќе ги вложи сите свои сили за реформа во ВМРО, за реално оживотворување на акронимот Демократска Партија за Македонско Национално Единство“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.

Поврзани новости