Движењето ФРОДЕМ испрати писмо до претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол во кое писмо го искажува незадоволството во што се претворила нивната матична партија ВМРО-ДПМНЕ под раководствената палка на сегашниот лидер Никола Груевски. Нивното писмо ви го пренесуваме во целост:
Ние, членовите на ВМРО-ДПМНЕ посветени на основните вредности на политичката опција на којашто припаѓа нашата партија, длабоко загрижени поради институционалната криза во Македонија, предизвикана од крајно неодговорното однесување на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, одлучивме да преземеме сериозни чекори кон зачувување на основните вредности, слободата и правдата, коишто се загрозени од несоодветното дејствување на раководството на Партијата.
Пред повеќе години ние како најактивни членови години бевме вклучени во апликацијата за членство на ВМРО-ДПМНЕ во Европската народна партија (ЕНП). Сега гледаме дека и угледот на десната опција во Македонија и оној на Европската народна партија се загрозени од погубното однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
После многубројни обиди внатре во Партијата да го запреме уривањето на основните вредности, утврдивме дека не може да се добие приципиелен одговор од страна на актуелното раководство. Крајно, после Конгресот одржан во Куманово, каде што немаше ниту демократски промени во раководството ниту пак критичните политички проблеми беа сериозно анализирани, одлучивме да отпочнеме со формирање на нова политичка сила, ФРОДЕМ (Фронт за демократска Македонија).
На почетокот дејствуваме како граѓанско здружение, за да прераснеме во политичка партија со намера да се замени ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се возобноват релните вредности на политичката опција и демократскиот развиток на Македонија. Имаме намера да ја замениме партијатга ВМРО-ДПМНЕ како на политичката сцена, така и во Европската народна партија во најдобриот интерес на Европските народни конзервативни партии.
Остануваме посветени на основните вредности воспоставени порано од ВМРО-ДПМНЕ и продолжуваме да дејствуваме во таа насока, а очекуваме набргу да бидеме прифатени за рамноправни членови на нашата асоцијација на европско ниво – Европската народна партија.
Испратено и до генералниот секретар на ЕПП – Antonio López-Istúriz