Левица: Не сме толку богати за да фрлиме 7,5 милиони евра за нечиј хир!

by Фокус

Левица предупредува дека во случај да се одржат избори на 5 јуни, ќе биде прекршен Уставот на Република Македонија. Од партијата потенцираат дека според Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок се демократски избори.

„И оној што има најелементарно познавање од правото сфаќа дека најелементарен услов за демократски избори е да се има избор помеѓу две опции, а сега тоа не е случај. Упатуваме јавен повик до пратениците од антирежимските партии да влезат во Собранието и да не го напуштаат Собранието сѐ додека претседателот на Собранието не свика седница на која ќе биде повлечена одлуката за самораспуштање на Собранието, а за да не дојде до прекршување на Уставот. Пратениците земаат плата и во овој период. Нека си ја заработат“, велат од Левица.

Партијата смета дека тоа што ВМРО-ДПМНЕ ќе оди сама на избори е каприц со кој се прекршува Уставот. Од таму додаваат дека ДИК треба да побара ВМРО-ДПМНЕ да ја уплати сумата што е потребна за организирање на изборите пред да почне да ги троши парите.