Златната палма на Канскиот фестивал му беше доделена на француската режисерка Жистин Трије за драмата „Анатомија на еден пад“. Жистин Трије е третата наградена режисерка во историјата на Канскиот фестивал. Пред неа наградата ја добија Џејн Кемпион за филмот „Пијано“ во 1993 и Жилија Дикурно во 2021 година за „Титан“.
Меѓу оние кои се натпреваруваа за Златната палма во Кан беа веќе наградуваните режисери како Кен Лоуч, двократниот победник во 2006 и 2016 година, Вим Вендерс, кој ја освои наградата во 1984 година за „Париз Тексас“ и Нани Морети.
Гран при доби филмот на Џонатан Глејзер „Зона на интерес“. За најдобра актерка беше наградена Мерве Диздар од Турција за улогата во филмот „На сува трева“, а за најдобар актер јапонскиот актер Коџи Јакушо за улогата во „Совршени денови“.
Големо внимание привлече и филмот „Жан де Бари“ на францускиот режисер Мајвен. Оваа продукција зборува за миленикот на кралот Луј XV, кој го игра Џони Деп, кој исто така доби одлични критики.