Два настани што се случија во изминативе две недели покажаа по кој знае кој пат дека во СДСМ навистина немаат никаков талент за пи-ар, за пропаганда, за спин и за слични корисни нешта во политичката борба. Прво, токму истиот ден кога кулминираа нередите во општината Ѓорче Петров, баш тогаш од водечката опозициска партија одлучија да ја информираат јавноста за прогресот околу експертизата за утврдувањето на автентичноста на снимката со договарањето на продажбата на „Македонска банка“ и, се разбира, целата таа прес-конференција дадена во најлошиот можен момент – никаков ефект не постигна во јавноста. Прашање е колкумина се сеќаваат и дека воопшто бил одржана.
Ако ова беше пиар-грешка на тактичко ниво (т.е. не е проблемот во тоа што се прави, туку кога или како се прави) само неколку дена подоцна од СДСМ излегоа со уште поголема грешка, овојпат стратегиска. Имено, Зоран Заев и Бранко Црвенковски се сретнаа, си направија муабет и се разделија како најдобри пријатели, па дури и јавноста ја информираа дека СДСМ е обединет и дека сите кои чекаа да дојде до некаков раздор меѓу стариот и новиот лидер на опозицијата – џабе чекале.
Па, нели требаше последниов конгрес да биде некаква сдсмовска „Панорама“, да почне конечно процесот на расчистување со старите, компромитирани кадри, да се ослободи СДСМ од товарот на транзицијата и транзициските профитери и да тргне така освежен, замиен, потшишан и подзабричен и со цветче на увото, по истата онаа победничка патека која Груевски на времето, за само две години по раскинувањето со Љубчо го доведе до премиерската фотелја?
Грешката е стратегиска зашто тука не е битно како и кога се случило помирувањето меѓу Заев и Бранко, туку зошто воопшто се случило! Оти од нивниот судир опозицијата ќе има повеќе корист отколку од нивното смирување – и токму затоа судирот треба час поскоро да се случи, па макар и да се одглуми.
Многумина своевремено сметаа и сѐ уште сметаат дека и расколот меѓу Груевски и Георгиевски беше глума. Ако се имаат предвид сите елементарно глупи потези што од тогаш Љубчо ги повлече во политиката, со кои само му ја зајакна позицијата во редовите на десницата на Груевски, навистина и има основа да се верува дека сѐ било театар, од „Панорама“, па наваму. Но, и да е глумење, да е само претстава пред народот, да е фарса со која требаше да се докаже дека „ова ВМРО-ДПМНЕ не е исто како она ВМРО-ДПМНЕ што беше“ – факт е дека таа мелодрама публиката ја награди со аплаузи и со бурни овации.
Зашто во СДСМ тоа не им текнува дека треба да го копираат? Тие би рекле дека „Ние не сме ВМРО-ДПМНЕ“. И би биле сосема во право. Оти ова ВМРО-ДПМНЕ е партија на власт која победува на избори нон-стоп. А СДСМ е во дебела опозиција и нема изгледи со вакво однесување да стане како ВМРО-ДПМНЕ, барем во смисла на победување на избори и доаѓање на власт.
Никола Груевски покажа во изминативе години дека одлично знае кого, како и колку да го жртвува, или барем да глуми дека го жртвува за одредено време, со цел од тоа рипче што ќе го фрли да профитира со некое крапче што ќе се закачи на јадицата на макијавелизмот која тој цврсто ја држи со двете раце, додека во гумени медиумско-пропагандни чизми има длабоко загазено во матната и надојдена река на корупцијата од која најголемите тендерски сомови се ловат.
Зошто во СДСМ им е толку тешко да сфатат дека без да го фрлиш рипчето, па макар тоа рипче се викало и Бранко Црвенковски, нема шанси да го фатиш крапчето, кое во случајов се вика „Доаѓање на власт“?
ПОДОБРО КАТАСТРОФА, ОТКОЛКУ КАТАКЛИЗМА
Човекот што во соседна Србија ја игра улогата што во македонскиот политички театар ја игра толку маестрално Никола Груевски, српскиот премиер Александар Вучиќ, како и секој мудар и бескрупулозен стратег, разбира дека во одредени моменти е неопходно да се откажеш од нешто ситно за да сочуваш или придобиеш нешто крупно.
Него малкуте независни медиуми што останаа и целата опозиција сега го обвинуваат дека дозволил намерно да се излее надојдената река низ улиците на малиот град Обреновац со цел таа вода да не продолжи така неизлеана кон блиската термоцентрала од која голем дел од Србија се снабдува со струја и да направи така материјална штета која со години ќе треба да се санира и поради која целата држава ќе трпи рестрикции на струја во еден многу долг период по поплавите.
Секако, од партијата на Вучиќ енергично ги отфрлаат ваквите „грозоморни шпекулации“ дека тој намерно дозволил илјадници луѓе во еден град да останат без своите домови само за да го спаси остатокот од Србија од неугодноста што ќе ја предизвикуваат безбројните, непредвидливи и крајно иритирачки рестрикции во наредните две-три години. Некои од неговите верни поддржувачи, пак, свесни дека, сепак, нешто многу чудно се случило при поплавувањето на Обреновац, фатија да верглаат приказна дека дури и ако Обреновац навистина бил жртвуван намерно, тоа било со цел да се спаси Белград. Демек, дозволиме катастрофа за да спречиме катаклизма!
Во наредниве години, рејтингот на партијата на Вучиќ во Обреновац ќе се движи од нула од грст гласови оти тие луѓе таму ќе го обвинуваат него дека ги предал, само за да спаси некаква си термоцентрала или ако не тоа, да ги спаси оние разгалени „београѓани“, да не мораат со нивните скапи чевли да газат по калливи улици.
Но, Обреновац и онака не е некоја голема населба, па од загубата на гласовите таму многу да се уплаши популарниот Аца. Оти што и да загуби таму, ќе надомести многукратно во Белград кога неговите активисти на терен ќе им објаснуваат на гласачите дека биле сочувани од поплавите оти Вучко нив ги ставил на прво место, а не некои си таму сељаци „из Обреновца“.
Впрочем, и Никола Груевски со истата логика пристапи кога ги остави македонските бранители од војната во 2001-та да бидат репресирани и игнорирани од државните институции, додека „шаком и капом“ им делеше привилегии на поранешните учки, сега во ДУИ, кои додека тонеа во мизерија и заборав бранителите, се испоналапаа тендери и се исповработуваа во јавната администрација, и без да мораат да одат на работа, туку само да си земаат плата.
Бранителите „вредеа“ некои си 10 до 20 илјади гласови, а жртвувањето на нивото достоинство со цел да се спаси коалицијата со ДУИ и со тоа премиерската фотелја му овозможи пристап до буџетот и на ВМРО-ДПМНЕ, која со стотици милиони евра исповработи свои потенцијални гласачи во администрацијата (претворајќи ги така од потенцијални во сигурни гласачи), ги зголеми пензиите и подели субвенции, па тоа рипче од 10 до 20 илјади гласови од бранители и нивни најтесни семејства повеќекратно се мултиплицираше во крапче од околу 480.000 гласови, од кои барем половината не се оние традиционални „вмровски“ гласови.
Дури и кавгите на Груевски со Љубчо, со Љубе и со Стојанче Ангелов можат да се толкуваат како еден вид „фрлање рипчиња за да се фатат крапчиња“ Од секој од наведените „судири со десницата“, барем привремено, партијата на Никола Груевски губеше гласови, ама тој маневар му овозможуваше да оствари други, стратегиски поприоритетни цели, кои на долг рок, индиректно помогнаа да се освојат повеќе гласови од оние што беа загубени.
Вакво нешто на Зоран Заев не му текнува да направи, онака жестоко да ја спука со бранковистите и со Бранко лично, за да покаже пред јавноста дека се откажува од рипчето, за да го зграби крапчето во вид на далеку поголем рејтинг. Дали Зајко учел да лови риба само на Анска Река или среде Моноспитовското блато, не знаеме.
Ама сигурно ќе да е таму некаде, каде што нема големи крапови, па вреди максимум едно црвче, некоја глиста или мува да закачиш на јадицата, за со таа ситна и евтина жртва да фатиш некоја ситна и евтина риба. Колку голема риба е владеењето со Македонија, тоа заслужува не рипче, не крапче, не ајкула, туку цел политички кит да ставиш на мамецот за да ја фатиш златната рипка која ќе ти ги исполни сите желби додека си на власт.
ПОЛИЦИЈАТА ГИ ТЕПАШЕ МАКЕДОНЦИТЕ, ЗА ДА НЕ МОРА ПОТОА ДА ПУКА КОН АЛБАНЦИТЕ!
За да владее со две третини од Македонија и македонскиот буџет, барем една третина и од де факто контролата врз територијата и од контролата врз делењето на тендерите од буџетот, секој македонски премиер мора да му ја препушти на албанскиот коалициски партнер. Тоа можеби е катастрофа за Македонија, ама барем спречува катаклизма, т.е. избивање меѓуетнички немири кои ќе доведат до граѓанска војна и до распад на државата.
По слична логика се води и секоја владејачка гарнитура од македонскиот табор кога прави понижувачки отстапки пред албанскиот фактор. Бидејќи знае добро (од искуство) секоја власт оти Македонците и да се лути, и да се гневни, и да се бесни за најновото „предавство“ тоа ќе им помине, ама ако се дозволи ескалација на незадоволство на Албанците, тоа ќе доведе во крајна линија до уште поголеми отстапки од македонска страна кон нив, од оние кои сега треба да се направат.
Ако полицијата дозволеше Македонците во Ѓорче Петров да навлезат како разгневена толпа во Сарај и таму да почнат да претепуваат граѓани од албанска националност, да кршат автомобили и да запалат неколку дуќани, куќи или дури и некоја џамија, ќе имавме веднаш неконтролирана реакција на локалните Албанци од Сарај.
Некои од нив можеби во самоодбрана и ќе припукаа од калашникови кон толпата Македонци, па ќе убиеја или ќе ранеа неколкумина од нив, што, пак, ќе предизвикаше уште поголема ескалација низ целата држава, со палење имоти во сопственост на Албанци во општините со доминантно македонско население и како одмазда, палење имоти на Македонци во општините со доминантно албанско население. А за да се смири по сето тоа, неверојатни маки и главоболки ќе имаа и лидерот на ДУИ и двајцата главатари на ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, беше донесена одлуката да се претепаат и да се притворат дузина Македонци уште додека се собираа по улиците на Ѓорче Петров за да тргнат кон Сарај, и нивните гласови и гласовите на нивните роднини и пријатели да ги загуби засекогаш ВМРО-ДПМНЕ, отколку да се дозволи ептен голема да стана работата, па после сѐ, по новите понижувачки отстапки што ќе требаше да се направат, којзнае колку десетици илјади гласови да загуби ВМРО-ДПМНЕ.
Како што Вучиќ дозволи водата да го однесе Обреновац и заедно со него во неповрат да отидат и неколку илјади гласови од таа општина за неговата партија, за да не се поплави Белград и тамошните гласачи за СНС, така и стратезите од ВМРО-ДПМНЕ дозволија да го окркаат стапот неколку десетици жители на Ѓорче Петров за да не мораат утре не стапови, туку и куршуми да попијат кој знае колку стотици и илјадници Македонци во „регионите со висок ризик за појава на меѓуетнички судири“.
И самите полицајци што ги апсеа протестирачите во Ѓорче сигурно беа свесни дека мораат да ги тепаат денеска Македонците, за да спречат да избие поголем судир, во кој токму тие (полицајците) ќе беа испратени на бојното поле каде што врз нив ќе пукаа вооружени Албанци. И како капак на сѐ, дури и да беа ранети или да загинат тие полицајци во таквите судири, утре на избори пак народот ќе гласаше за некоја „патриотска“ партија која нив, како бранители ќе ги репресираше!
Фрли рипче… или поточно, фрли шок-бомба, за да не фрлаат утре врз тебе кашикара бомба.
АЈДЕ, КОЈ САКА ДА БИДЕ РИПЧЕ?
Сепак, кога е во прашање логиката на стратегијата на „фрлање рипче за да се фати крапче“, многу поучна е една случка од походите на византискиот војсководец Белисариус, кој живеел и дејствувал во времето на владеењето на царот Јустинијан.
Имено, пред една значајна битка еден млад, неискусен и по таа логика крајно вообразен офицер, му предложил на генерал Белисариус да биде извршен напад врз една позиција на непријателот со кој напад ќе била подобрена значително тактичката ситуација и зголемени шансите за победа во претстојната битка. Сепак, планот имал еден крупен недостаток, а тоа било што дури и да успеел византискиот напад, при него сигурно ќе загинеле минимум педесет византиски војници.
Откако Белисариус (кој бил познат по својата речиси татковска грижа за животите на неговите војници) му го предочил тој непријатен факт на младиот и неискусен офицер, овој само презриво, како секој вистински сноб, возвратил:
– Ма, важно е ние да ги зајакнеме нашите шанси за победа во битката, а дали педесет обични војници ќе има помалку на светов потоа, кому му е гајле?
Слушајќи го овој безобразен идиот како тропа глупости, Белисариус се насмевнал саркастично и му рекол на офицерот дека ќе го одобри неговиот план за напад, ама под еден услов – тој офицер што го предложил планот, да го предводи нападот и да биде на чело на јуришот. Ова нешто го шокирало офицерот:
– Но, минимум педесет војници сигурно ќе загинат при нападот. Ако јас бидам на чело на јуришот, значи дека и јас сигурно ќе загинам!
– Ма, важно е ние да ги зајакнеме нашите шанси за победа во битката, а дали педесет храбри војници и еден обичен будала ќе има помалку на светов потоа, кому му е гајле? – одговорил искусниот војсководец, по што младиот офицер ја наведнал главата и се извинил за својата глупава идеја.
Како што покажува овој пример од историјата, тој што треба да ја одигра улогата на рипчето, многу ретко (ако и кога било) е способен да ја прифати стратегиската корист што ќе има заедницата, групата, колективот, од неговата жртва. Затоа и обично, кога водачите фрлаат некои од своите рипчиња за да фатат крапчиња, тие и не им кажуваат дека ги жртвуваат намерно за „поголемото добро“.
А за секој случај, за да не им текне на рипчињата дека се на пат да бидат жртвувани, секогаш се избираат токму оние што на водачите им се најлојални и најверни, за да не се посомневаат, или дури и да не поверуваат кога некој ќе им објасни што ги чека.
Лесно е да се каже дека треба бранковистите во СДСМ да се жртвуваат за да дојде СДСМ (ама без нив) на власт, како што тоа се случи со љубчовистите во ВМРО-ДПМНЕ. Сите се тие свесни дека тоа ќе е несомнено позитивно за партија, ама никој не сака да биде баш тој – рипчето.
Е затоа, додека чекаме Заев да научи како се ловат крупни риби, имено со откажување од ситните, рибарот Грујо ќе ја спасува Македонија со правење катадневни отстапки пред еден или друг фактор. Дали ќе им дава на Албанците нешто што ќе им земе на Македонците, дали ќе им даде на сегашниве Македонци некоја пара што ќе ја стави на рабуш за наредната генерација да ја враќа, дали дури и за да продолжат да му даваат кредити странци ќе го смени и името, останува да видиме.
Крапчиња има сѐ помалку (а и тие веќе ги научија финтите на рибарот) и затоа сѐ поголеми и покрупни рипчиња треба да се ставаат на јадицата за да се остане во игра. А кога ќе се потрошат сите рипчиња, и сите крапови ќе бидат уловени и депонирани на сигурно на офшор-сметки, рибарите ќе си заминат, оставајќи ги своите сегашни верни следбеници – со стапот во рака.
Ако во меѓувреме не надојде неочекувано реката на историјата, па и рибарите и нивните стапови и сите риби и крапови и сѐ да однесе во неврат матната. Ќе останат само жабите да крекаат во Македонија, ама нема да остане кој било да ги слуша!