Собранието денеска ги изгласа измените во Изборниот законик со што се отвори можност за разрешување на еден од членовите на Државната изборна комисија и именување на претставник на движењето БЕСА. За законот предложен од владејачкото мнозинство и опозицијата, гласаа 77 пратеници.
Со измените се предвидува составот на ДИК да го одразува постоечкиот однос на партии во Собранието. Измените регулираат по двајца претставници од најголемата владејачка партија, еден од втората, двајца од најголемата опозициска партија и еден од втората по големина опозициска партија.
По ова се очекува да следи разрешување на Бедредин Ибраими како член на ДИК предложен од ДПА. Ибраими е инаку обвинет во предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство за изборни нерегуларности.
Според информации од партијата БЕСА, најголеми шанси за член на ДИК има адвокатката Ермира Асани Салија, која е член на Централниот одбор на БЕСА.
Измените во Изборниот законик се на барање на БЕСА да биде претставувана во ДИК со свој член, а откако беше постигнат политички договор меѓу сите партии.