Нема да се создаде национален консензус за спорот за името. За решението ќе биде одговорна политичката елита која го носи, тоа секогаш и во секое општество било така, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Нема да се создаде таков консензус. Политичката желба околу консензусот е разбирлива, таа секој политичар ја посакува за вакви прашања и се обидува да ја промовира. Решението ќе биде одржливо, такво да не задира во националното достоинство и идентитет и за тоа ќе биде одговорна политичката елита која го носи, тоа така секогаш било, во секое општество донесено за вака клучни прашања. И во таа смисла ќе биде апсорбирано, јас мислам дека по месец-два тоа прашање ќе престане да биде тема воопшто. Ако е вака како што знаеме отприлика, очекуваме дека решението ќе биде околу идентитетот, јазикот и името. И во таа смислам мислам дека ќе биде прескочена, не знам како, не ми е јасно во овој момент, не можам да го досогледам тоа, и фазата со референдумот околу тоа. Мислам дека ќе бидат донесени решенија, тие потпишани во Собрание, ние примени во НАТО во една брза постапка и тоа ќе создаде една сосема нова клима која потоа дури и да се оди на референдум ќе ја обуслови одлуката на референдум со позитивните импакти и со одржливоста на решението, вели Фрчковски.
Сепак тој истакнува дека можно е спорот со името да се реши за неколку месеци, а додава и дека во случај на референдум тој смета дека граѓаните би се изјасниле за промена на името.