Обвинувањата кон лидерот на опозицијата, за поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски се нормален развој на диктатурата. Според него сега веќе кај никого не смее да постои дилемата дали живееме во диктатура.
„Сега се си дојде на место. Нападот на опозицијата дека власта е коруптивна, тие ја поистоветија со напад врз уставниот поредок. Она што е во интерес на граѓаните, објавување на коруптивни и криминални активности на власта, го преставија како напад врз поредокот изедначен со ликот на премиерот. Имаме перверзија на системот. Како може кога некој јавно зборува дека власта е корумпирана, тоа да се третира како државен напад.“- вели Фрчковски за „Фокус“.
Тој смета дека Груевски ја злоупотребил власта, а со тоа и судството, кога јавно му се заканува на Заев со кривична пријава.
„Срамно е Груевски на прес конференцијата да каже дека ќе одговори само на прашањата на судот. Тој мора да и одговори на јавноста или низ политичка дебата да аргументира со Заев, а не да применува вакви мерки. Затоа сметам дека ова е крај. Очекувам дека Меѓународната заедница, која се залага за европски вредности, дека нема ова да го одмолчи и хорски ќе изреагира. Ова навистина е брутален акт.“- оценува екс- министерот.