Ракометарите на француската репрезентација се нови шампиони на Европа откако во финалето во Келн ја совладаа Данска со резултат 33:31 и тоа по продолженијата.
Целото прво полувреме се одигра во изедначена игра. Во најголем дел од првите 30 минути Данците го диктираа темпото, најмногу благодарение на нивните расположени играчи Емил Нилсен, кој собра 11 одбрани на полувремето и Гидсел, кој четирипати го погоди францускиот гол во првите 30 минути.
Од друга страна, Французите во игра ги држеа Ремили и Фабрегас кои имаа по три гола и Нахи кој беше непогрешлив од левото крило.
Во средината на првото полувреме Данците имаа три гола разлика со нападот, но во клучните моменти не успеаја да се одлепат на поголема разлика.
Првото полувреме разочарувачки го одигра најдобриот стрелец на Триколори, Дика Мем, кој не постигна ниту еден гол.
На почетокот на вториот дел Данците се обидоа да направат позабележителна разлика и да ги стават под притисок Французите.
Во тоа успеаја, бидејќи во 35. минута направија 3 гола разлика (17:14). Нилсен продолжи брилијантно да брани, а данските ракометари некако ги решија сите проблеми во нападот.
Данците до половина од вториот дел одржуваа предност од два гола, а како одминуваше времето Французите се повеќе притискаа. На пет и пол минути до крајот успеаја да поведат (25:24), но потоа Данците заиграа многу подобро и на две минути до крајот повторно се вратија во водство (27:26).
Французите израмнија преку Фабрегас на 10 секунди пред крајот, а на Данците им остана само удар од девет метри. Хансен промаши и играта отиде во продолженија.
Во првиот дел од 5 минути се уште беше изедначено. Ниту една екипа не можеше да се одвои од другата, па првото продолжение заврши со резултат 29:29.
Во вториот дел од пет минути Французите се снајдоа подобро и создадоа предност од 2 гола и на крајот славеа.
Фабрегас беше најефикасен во редовите на новиот европски шампион со 8 гола, Ремили собра 5, а Лене, Пранди и Нача по 4.
Кај Данска Хансен имаше 9, Гидсел постигна 8, а Питлик 5 гола.