Француска гилотина за македонскиот пиреј

by Fokus

Вакви недолични предлози се нарекуваат ултиматум, а спроведување на побараното се нарекува обезличување

 Пишува Ѕвонко ДАВИДОВИЌ

Многу објаснувања, многу докажувања и спинувања околу францускиот предлог кој ја разбранува македонската јавност и само го продлабочи јазот на и онака поделениот и закрвен народ.

Политичарите, оние од власта, се обидоа да го толкуваат предлогот онака како им одговара и како што им е наложено да играат, бранејќи го се залагаат за негово прифаќање, а нивните ботови и сателити од петни жили го бранеа она што го спинуваа нивните лидери.

Други го критикуваа предлогот давајќи аргументи или без нив, интуитивно чуствувајќи дека нешто не е во ред, трети го напаѓаа предлогот затоа што тоа го прават со се што ќе се предложи.

Сите заедно се фокусираа околу јазикот, дали ќе биде или не загрозен, околу влегувањето на Бугарите во Уставот, но никој не најде за потребно да ги објави потребните документи и да побара јавна дебата.

Од секогаш во Македонија вистината е ерес, на неа се гледа како на нешто заразно и болно, непожелно и непотребно.

Токму затоа е тешко во Македонија да се каже и соопшти вистината, да се кажат работите како што се, за да може секој сам да процени што е добро, а што не, од што треба да се откажеме и што можеби вреди да жртвуваме, а што е она од што ни по една цена не смееме да отстапиме и да се откажеме

Неспорен факт е дека францускиот предлог во себе го содржи и упатува на Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија. Попусто се трудат да докажат дека едно не е поврзано со друго, кога самиот предлог упатува и се повикува на членот 12 за спроведување на Договорот.

ПРАШАЊАТА ЗА ЦАР САМОИЛ

Договорот, пак, упатува на Протоколот за работа на меѓувладината комисија, а и францускиот предлог меѓу редови, а кој содржи најголем дел од барањата со кои Бугарија ги условува преговорите и членството на Македонија во ЕУ.

Ноторен факт е дека Протоколот стана дел од документите на ЕУ и истиот сега се употребува со формулација „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација според Членот 12“, а во дел од документите се поздравува Протоколот од вториот состанок на заедничката меѓувладина комисија.

Протоколот го регулира формирањето на заедничка меѓувладина комисија и предвидува комисијата да одржува редовни годишни средби за ефективна примена на Договорот,  примена на мерки за подобрување на билатералната соработка и решавање на спорни прашања.

Протоколот помеѓу многу други работи го регулира работењето на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, активности за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија за следниот период, но и обврска за напредок во прашањата за цар Самоил и богомилскиот ерес, обврска во рок до две години двете земји да вклучат во наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост, сите веќе меѓусебно договорени во работата на Комисијата, согласно чл. 8 став 2 од Договорот.

ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРЕТЕНЗИИ

Понатаму во Протоколот стои дека првата меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија, да се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во нејзиниот Устав ќе ги вклучи сите граѓани кои живеат на територијата на земјата кои се дел од бугарскиот народ и ќе го усогласи своето важечко законодавство со измените направени во Уставот со обврска дека ништо во Уставот не може или не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да се заштити статусот и правата на лицата кои не се државјани на Република Северна Македонија.

Понатаму Македонија се обврзува да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија во согласност со член 12 од Програмата помеѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Северна Македонија за соработка во областа на образованието и науката.

Понатаму во текстот е предвидена обврска на Владата на Република Северна Македонија до почетокот на учебната 2023-2024 година да ја промени содржината на учебникот по географија за VII одделение во кој се индентификувани територијални и етнички претензии (читај Пиринска Македонија), како и обврска при идентификување на други случаи на неосновани етнички и територијални претензии во учебниците и наставните помагала, тие да се повлечат од нивните образовни програми и да се промени нивната содржина.

Слично нешто е предвидено и за учебникот по историја за VII одделение во врска со лекцијата за цар Самоил.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Со Протоколот се предвидува и превземање на мерки против појави на говор на омраза и се назначуваат министерствата за надворешни за заедничка идентификација на такви случаи во натписите на јавни згради и споменици, текстови во учебници и наставни програми и во медиумите вклучувајќи ги и онлајн и социјалните медиуми.

Во текстот на Протоколот стои и обврска на Владата на Република Северна Македонија, да ги осуди и да се извини за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи ги и во однос на Бугарите како и обврска за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, вклучувајќи полиција, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот од 1945 до 1991 година.

Ова се само дел од обврските кои Македонија мора да ги прифати и спроведе доколку се согласи со францускиот предлог, а кои се однесува на менувањето на историјата, вистината, нашето минато, сегашноста и иднината.

Вакви недолични предлози се нарекуваат ултиматум, а спроведување на побараното се нарекува обезличување.
Ваквото обезличување води кон губење на групниот идентитет, губење на чуството на посебност, на сигурност, понос, задоволство, со еден збор губење на се она што сме ние и што не прави посебни, што не прави Македонци.

 

Поврзани новости