Франција се подготвува за враќање на животот во нормала

by Fokus

Франција од денеска се враќа во нормалниот живот, излегувајќи постепено од мерките на ограничување, воведени на 17 март. Владата ги повика Французите да бидат подготвени, но правната рамка, поточно Законот за продолжување на вонредната состојба до 10 јули, не е навремено објавен во Службен весник поради потребата Уставниот совет да се произнесе за уставноста на истиот, што ги прави некои од мерките за излегување од изолацијата неспроведливи.

Со необјавувањето на законот пред полноќ, денеска не важи само ограничувањето на патувањето до 100 километри, а владата кога го согледа проблемот, непосредно пред полноќ издаде соопштение во кое повика на „чувство на одговорност“.

Според ова соопштение, објавено во текот на ноќта, Уставниот совет, повикан да се изјасни за уставноста на законот од претседателот Емануел Макрон, своето мислење ќе даде во текот на денот.

По 55 дена минати под стаклено ѕвоно, Франција денеска излегува од мерките на ограничување. Претпријатијата и јавниот превоз полека се враќаат во нормалата, но не на целосна активност. Училиштата ќе почнат да ги примаат учениците од утре, но не сите, туку само оние кои се во тешкотија и чии родители тоа ќе го дозволат. Сепак, кај сите е присутен зборот претпазливост, за да не се поврати епидемијата и кривата на смртни случаи, што е најниска од почетокот на мај.

Поврзани новости