Претседателите на Русија, Франција и САД денеска повикаа на „итен прекин на борбените дејствија“ во Нагорно Карабах, објавено е на веб-страницата на Елисејската палата.
Како лидери на копретседавачките земји на Групата од Минск, Владимир Путин, Емануел Макрон и Доналд Трамп ги повикаа властите на Ерменија и Азербејџан да продолжат со преговорите под покровителство на ОБСЕ.
„Ги повикуваме лидерите на Ерменија и Азербејџан да се ангажираат за продолжување на преговорите без одлагање, со добра волја и без предуслови, под покровителство на копретседавачите на групата од Минск при ОБСЕ“, се вели во заедничкото соопштение.
Путин, Макрон и Трамп „најостро“ ја осудија ескалацијата на насилството во Нагорно Карабах и изразија жалење за човечките жртви.
Азербејџан, земја од турско говорно подрачје, чии жители се претежно шиити, бара да го врати под своја контрола Нагорно Карабах, претежно населено со христијанско ерменско население, чие отцепување во 1991 година не беше признаено од меѓународната заедница.
Групата од Минск (Минска Група) при ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година за да се најде мирно решение за конфликтот, но без резултат. Примирјето, сепак, беше договорено во 1994 година.