Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нема причина да го прифати барањето на Русија да го плаќа рускиот гас во рубљи.
Рускиот претседател Владимир Путин неделава кажа дека Русија ќе бара плаќање во рубљи за гасот кој го продава на „непријателските земји“, кревајќи тревога во Европа.
Макрон пак вели дека „постоечките договори забрануваат“ да се поставува барања за плаќање во рубљи.
Тој планира да разговара со рускиот претседател Владимир Путин во следните 48 до 72 часа за ситуацијата во Украина и иницијативата да им помогне на луѓето да го напуштат опколениот град Мариупол и дека ги координира напорите со Грција и Турција за евакуација.
Југоисточното пристаниште Мариупол, град во кој пред војната живееја 400.000 луѓе, е еден од најтешко погодените од бомбардирањата. Западот проценува дека десетици илјади луѓе се заробени во урнатините со малку храна, струја и греење.