Од првата фракција на ВМРО-ДПМНЕ бараат на преговарачката маса со Грција да биде поставено прашањето за егзодусот на македонското население во егејскиот дел од Грција за време на граѓанската војна.
„Се работи за геноцидот од страна на грчките монархофашисти во текот на граѓанската војна во Грција врз македонското цивилно население во северниот дел на Грција како и насилното протерување на 30.000 дечиња од своите родни огништа. По овој злочин грчката држава донесе низа закони со кои дополнително го покажа своето нечесно, нечовечко и недемократско лице. Имено го донесе Законот со кој се одземаат државјанствата на насилно протераните лица од македонско потекло, Закон со кој насилно ги одземаа имотите на насилно протераните Македонци, донесе Закон за дозвола за враќање на протераните од граѓанската војна но само за ,,Грците по род”, донесе Закон за регулирање на имотите на повратниците, исто така само за ,,Грците по род”, велат од таму.
Врз основа на истите овие закони, додаваат, една огромна група на граѓани, околу 200.000, е дискриминирана и не може да ги ужива загарантираните слободи и права.
„Сметаме дека правата на оваа огромна група на лојални граѓани на РМ, нашиот преговарачки тим мора да ги стави на масата за преговори и ова прашање еднаш за секогаш да се затвори. Нема севкупно решение за спорот помеѓу двете држави, нема достоинствено решение без праведно затварање на ова прашање. Посебно што Ципрас и неговите сопартијци многу добро го знаат ова, од причина што нивните претци се бореа рамо до рамо со Македонците во рамките на ДАГ во антифашистичката борба, како и потоа во граѓанската војна во Грција“, посочуваат од таму.
Од Фракцијата додаваат дека преговарачките тимови мора да ја имаат во предвид Резолуцијата за бегалците од воените дејствија во Република Грција за време на граѓанската и втората светска војна, број 07-3627/1 од 27 август 2018 година изгласана во Македонскиот Парламент со поддршка и на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ и на сите останати политички партии.
„Бараме од актуелната власт на нашиот јужен сосед и од Ципрас како прв човек на грчката држава, најмалку што може да стори за своите сограѓани насилно протерани од своите родни огниша, раселени по целиот свет, без елементарни граѓански и човечки права во својата родна земја, во најмала рака да го осуди овој монархофашизам, да изрази едно големо ИЗВИНУВАЊЕ за стореното зло и да почне да ги почитува и спроведува во пракса европските вредности“ стои во соопштението.