– Јас едноставно имам разбирање за тоа што во Македонија на луѓето им е тешко во однос на Спогодбата со Грција. Добро ве разбирам бидејќи се работи делумно за национален идентитет. Сепак, сметам дека е важно да се разгледаат алтернативите и можностите. Можно ли е навистина да се постигне подобра Спогодба, можно ли е да се оди по патот на интеграција во ЕУ и НАТО без оваа Спогодба. Ако сме искрени, ми се чини дека треба да кажеме оти ваква шанса нема да има доколку не се постигне Спогодбата. Тоа е одлука на македонскиот народ и одлука што треба да ја донесе македонското Собрание, истакна Фрај на денешниот Втор македонско-германски форум „Градиме мостови – политики и економија“.
Според него, во овој момент треба да се донесе одлука за иднината на државата и дојдено е време кога опозицијата и Владата треба да се обидат да најдат политичко заедничко решение.
– Не се работи за тоа поединечни пратеници да се поткупат, туку се работи за тоа да се постигне најдоброто за државата. Од мое гледиште сметам дека Владата и опозицијата треба заеднички да најдат добро решение за добро на државата, им порача Фрај на македонските политичари во Скопје.