Пакети со храна врз кои стои фотографија од Цар Борис Трети вчера им биле поделени на семејства од социјален ризик во Охрид. Оваа донација доаѓа од бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски и неговата Фондација Бугарска Меморија, а на граѓаните им била поделена од страна на здружението Цар Борис Трети.
Од здружението чиј клуб го носи називот Цар Борис Трети објавија фотографии од хуманитарните пакети, и се заблагодарија на Врабевски, кој помогнал да се израдуваат семејствата во Охрид. Уште пред два месеци Собранието ги донесе измените на Законот за здруженија и фондации, според кои, клубови, фондации, здруженија и друштва нема да може да се регистрираат ако со називот повикуваат континуитет на фашизам, на нацизам, на Адолф Хитлер и негови соработници.
Се забранува називот и ознаките на политичката партија да содржат симболи, зборови, кратенки, кои предизвикуваат расна или верска омраза или нетрпеливост, етничка нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, или повикување на личности и настани од минатото поврзани со фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.
На политичките партии им беше оставен рок од три месеци од влегувањето во сила на измените, да го усогласат називот, ознаките, програмата, статутот и целите, со одредбите на овој закон. Здруженијата во Охрид и Битола, чии називи ги носат имињата на Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов, се уште немаат извршено промена, и покрај бурните јавни реакции.
Вики Клинчарова