Фотографии од интензивната нега на Инфективната клиника каде се сместени пациентите заразени со Ковид 19

by Fokus

Во последните 24 часа на скопската Клиника за инфективни болести не се примени нови пациенти, а хоспитализирани се вкупно 42. На кислородна поддршка се 20 пациенти, а на механичка вентилација се двајца, покажува последниот извештај на министерството за здравство.

„Фокус“ поразговара со директорката на скопската Клиника за инфективни болести, доктор Милена Стефановиќ и уште неколку лекари, кои ни објаснија што во моментот се случува на клиниката, дали другпат биле во таква состојба, дали имаат доволно лекарски и медицински кадар, на кој начин се заштитени, односно да и доловиме на јавноста каква е атмосферата во главното упориште во државата во кое се сместени заразените од корона вирусот.

Таа ни раскажа и како фунционира целиот оддел, односно како се опремени и заштитени лекарите и медицинскиот персонал, кои се грижат за заразените пациенти.

Секој лекар и секоја медицинска сестра се облечени во посебна униформа, односно носат мантил за една употреба, маски и очила. Имам посебен простор, чист дел каде што се спрема терапијата за пациентите и медицинските сестри во посебни заштитни опреми им ја делат на пациентите и после при излегување од таму, целата таа униформа се исфрла. Исто така, ако има потреба некој од пациентите да треба да биде однесен на компјутерска томографија или на некое друго испитување, во таков случај се користи лифтот и после по враќањето на пациентот се прави дезинфекција во целиот тој дел каде што се движел до собата кај што е сместен– тврди директорката.

Таа ни испрати фотографии од Интензивната нега на Клиниката за инфективни болести, за да можеме на читателите полесно да им ја доловиме атмосферата.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.664, бројката на оздравени пациенти е 1.200, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 373.

Ирена Мулачка

Поврзани новости