Крушево отсекогаш важел за град во кој има исклучително чист воздух поради местоположбата, но и шумата која е околу самиот град.
Сепак, во одредени периоди од годината, крушевчани дишат загаден воздух, нешто што е случај во изминатите три дена, кога е запалена депонијата која се наоѓа на самиот влез на градот.
Луѓето кои доаѓаат кон Крушево, можат да забележат густ чад што се издига од депонијата, кој се движи директно кон првите куќи во ова место. Ова во никој случај не им одговара на туристите, кои доаѓаат да дишат чист воздух.
Проблемот со депонијата во градот е повеќе децении, а градоначалникот Томе Христоски вели дека се бара решение да се стави крај на ваквите слики.
„Во текот на вчерашниот ден се интервенираше со две противпожарни возила. Но, депонијата од време на време се пали самата, поради високата температура и од средствата што се фрлени. Ова е 30-годишна болка и бараме начин како да се реши. Испратив и работна машина „скип“ за повторно да го изработи и ископа метото. Решение за депонијата има само со нејзино дислоцирање или со изградба на регионална депонија. За дислоцирање немаме дозвола, така што проблемот би се решил со изградба на регионална депонија“, истакна Христоски за „Фокус“.
Јорданчо Цветаноски