ФОТО Вториот тестамент на Есма, ексклузивно во ,,Фокус’’: Ова е моја последна желба!

by Fokus

Симеон Атанасов, штитеникот на легендарната Есма Реџепова – Теодосиевска, за кого одредени медиуми денес објавија дека бил приведен поради сомнение дека тој ја извршил кражбата во домот на Есма, заедно со Елеонора Мустафовска, вокалистката во ,,Есма’с бенд’’ за ,,Фокус’’ открива дека станува збор за голема невистина.

Тој тврди дека ниту бил приведен, ниту пак имал клучеви од куќата на уметницата која се наоѓа на Кале, а според тестаментот, таа му ја оставила на Минстерството за култура. Тестаментот набргу по неговата објава, го оспорија блиски роднини на Реџепова, односно внуци од нејзните браќа и сестри и најавија дека ќе водат спор со државата, бидејќи куќата требало да им припадне нив. Симеон вели дека Есма оставила два тестаменти. Првиот се однесувал на куќата, а вториот на нејзините авторски права.

-Не ми треба ниту куќата, ниту пак било што од внатрешноста на куќата. Јас сум наследник на авторските права и тоа ми е сосема доволно. Сакам да го сочувам добриот спомен на Есма, и благодарен сум и што ми помогна во животот, што со нејзина и помош на Стево Теодосиевски јас си го пронајдов патот и до денес се занимавам со музика. Таа ми даде доволно мене, и на сите останати деца кои ги одгледа, и затоа ги демантирам сите пишувања и гласини дека сум извршил било каква кражба и сум присвоил нелегално било што од нејзината куќа – ни изјави Симеон, кој со децении беше и менаџер на кралицата на Ромската песна.

Во прилог, тој ни го достави тестаментот составен во 2014 година, според кој Есма му ги остава авторските права, со цел јавноста да дознае дека тој веќе добил доволно, и не му требале никакви други материјални богатства од жената која што го одгледала.

-Авторските музички права без ограничување да му припаднат на мојот штитеник Симеон Атанасов. Изјавувам дека ова е моја последна желба која ја правам при чиста совест здрав разум, по сопствена волја, без да бидам во заблуда, непринудена од никого, и сакам по истата да се постапи по мојата смрт – пишува во тестаментот.

Атанасов раскажа поопширно за случувањата со имотот на Есма и нерасчистените односи помеѓу нејзините блиски луѓе, за што ќе можете да прочитате утре во ,,Фокус’’.

Вики Клинчарова

Поврзани новости