(ФОТО+ВИДЕО) Трогателна сторија: Јане од Прилеп цели 20 години е во будна кома!

Неговото семејство за „Фокус“ сведочи дека поминало трнлив пат по здравствените лавиринти, но за Јане не се нашол начин да замине на лекување во странство, каде што неговите блиски очекуваат дека тој ќе има подобрување на здравствената состојба.

by Fokus

Најновиот број на неделникот „Фокус“ објавува трогателна сторија за 37-годишниот Јане Пирганоски од Прилеп, кој веќе 20 години е во будна кома, а од 2007 година е сместен во прилепската болница. Неговото семејство сведочи дека поминало трнлив пат по здравствените лавиринти, но за Јане не се нашол начин да замине на лекување во странство, каде што неговите блиски очекуваат дека тој ќе има подобрување на здравствената состојба.

Пишуваат:
Вики КЛИНЧАРОВА
Ирена МУЛАЧКА

Љупчо Пирганоски, татко на Јане Пирганоски, сведочи за само мал дел од агонијата низ која поминале, бидејќи, како што вели, за да долови сѐ што им се случило, потребни се денови за раскажување, но и за приложување на обемната документација што ја собирал од првиот ден, кога им се случил трагичниот настан, кој им ги променил животите.

Во 2004 година почна нашата битка за животот на Јане. Тој имаше 17 години, беше излезен во градот, кога му се случил пад од висина. При падот го повредил рамото. Тогаш, тој сѐ уште млад и неискусен, станал по падот, а другарите му понудиле лекови „тромадол“ (силен опијат), наводно против болките во рамото.

Испил од таблетите, пиел и вотка, и тогаш се случи овој ужасен пресврт во нашите животи. Во бессознание беше однесен во итната медицинска помош, го реанимираа, а од таму нѐ препратија во Скопје, на КАРИЛ. Седум месеци поминавме на клиниката во Скопје, и Јане е со дијагноза будна кома – објаснува таткото.

Што значи тоа? – го прашавме неговиот татко.

Тоа значи дека тој е на некој начин полусвесен, во кревет е, го ставаме и во количка, мислам дека знае сѐ што се случува околу него.

Реагира, комуницира на свој начин, се смее, плаче, гледа телевизија, има реакција на сериите што ги гледа и на музиката што ја слуша. Параметрите му се во ред, реагира на топло, ладно, има одредени движења – продолжува да раскажува таткото Љупчо.

На Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) поминале 7 месеци, во кои со мајката на 37-годишното момче спиеле до вратата на неговата соба.

Тоа се моменти кои никому не му ги посакувам да ги доживее. Таму нашиот син доби сепса, а од сепса во тој период починаа неколку деца што лежеа на клиниката. Имав огромни недоразбирања со голем дел од медицинските лица, баравме Јане да биде преместен на клиника каде што ќе може да ја добие соодветната лекарска помош и нега.

Иако сите беа категорични дека во Македонија нема центар за кома и коматозни пациенти, сепак не успеавме да го однесеме синот на клиника во странство. Наместо тоа, нѐ пратија во Охрид, во Свети Еразмо – раскажува огорчениот татко.

Во Охрид, Јане останал на лекување околу три и пол години. Подобрување на состојбата немало. Дури и транспортот од Скопје до Охрид семејството самото го платило.

Незадоволни од третманот во Охрид, родителите барале начин да се однесе во странство, во специјализирана клиника од каде што ќе можеле да очекуваат реален напредок во неговата здравствена состојба, но, наместо тоа, биле испратени во прилепската болница во 2007 година, каде што момчето е сместено и до ден денес.

Во прилепската болница, секојдневно со Јане бил присутен некој член на семејството. Притоа, блиските постојано му правеле вежби и физиотерапија, со цел да не добие декубитуси и да ги одржуваат неговите мускули и зглобови.

Како што вели таткото, во годините откако бил сместен во Прилеп, трипати им се случило да му биде загрозен животот, поради нестручно постапување со него.

Поврзани новости