Студентите утре треба да го одржат седмиот Генерален пленум, но претходно во една од повеќето герила акции „Автономна зона“, денеска се бојкотираше настава на техничките факултети на скопскиот универзитет.
„Бојкотот на техничките факултети е успешен!!! Ајде Пленумци, битката за подобро високо образование е далеку од завршена. #ПоздравПленумци“ – порача Студентскиот пленум на Фејсбук-страница.
Студентскиот пленум во описот на настанот закажан за среда во 12 часот вели:
– Одложувањето на примената на членовите од законот, беше само прв чекор кон она што го бараме, нов закон со кој системски ќе го ревидираме концептот на високо образование. Ветувања чувме, но немаме намера да седиме дома и да се надеваме дека кармата ќе го стори останатото. До овде стигнавме, затоа што сложни, гласно на сите начини се спротивставуваме на наметнатите реформи во високото образование – се наведува во информацијата испратена од студентите.