Граѓанската иницијатива „Ајде“ бара одговорност од виновниците за смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес, кој имаше искривување на рбет, а почина чекајќи операција во Турција, која чинеше само 30.000 евра.
Околу 40-тина луѓе денеска организираа перформанс пред министерството за здравство, каде пуштаа отчукувања на срце, кое прекинуваше да чука за само две минути. На тој начин, тие сакаа да престават како прекина да чука срцето на девојчето, надевајќи се дека на тој начин ќе предизвикаат барем некаква грижа на совест кај надлежните институции, министерот за здравство Никола Тодоров, двајцата директори на Фондот за здравство, Маја Парнаџиева – Змејкова и Џемали Мехази, како и од лекарските комисии.
Според нив, 9-годишната Тамара е последна во низата жртви на несовесното и неодговорно работење на ресорното министерство и Фондот за здравство.
– Таа ја изгуби битката со бирократијата и со алчното трчање по дневно-политички поени на оние, кои требаше и мораше да ја спасат, на оние кои имаа задача и мнадат да го сторат тоа. Тие не се грижеа за нејзината здравствена состојба. Уште пострашно, тие воопшто не беа загрижени за животот на ова дете. Беа и се заинтересирани единствено за своите политички интереси. Тие безмилосно тактизираат, калкулираат и жртвуваат човечки животи – се наведува во соопштението од граѓанската иницијатива „Ајде“.
Од таму велат дека Тодоров јавно ветил дека Фондот за здравствоп ќе го плати лекувањетро на Тамара во странство.
– Но, тој излажа. И, за тоа треба да понесе одговорност! Неговата лага има превисока цена. Тоа беше – животот на едно дете исполнето со надеж. Во држава во која владее правото, министерот и кривично би одговарал за злоупотреба на овластувањата, ветувајќи нешто што не смее да вети, а тоа резултирало со губење на еден живот. Она што најмалку може да го направи Тодоров е да излезе во јавност, да ги погледне во очи родителите на Тамара и да си поднесе неотповиклива оставка поради лажните ветувања и смртта на едно дете – се наведува понатаму во соопштението.
Од „Ајде“ велат дека одговорност мора да преземат и двајцата директори на Фондот за здравство, како и лекарските комисии.