Десеттина картонски кутии, на кои е испишано –За добро здравје на Христијан Пендиков, Фондација Бугарска меморија, денес пристигнале во бугарскиот клуб Цар Борис Трети во Охрид. Кутиите за охриѓанецот Христијан Пендиков, инаку секретар во бугарскиот клуб, кој беше натепан во Охрид на 19-ти јануари, а кафеанската тепачка во која беше повреден стана главна вест поради односите Македонија – Бугарија и предизвика дипломатски тензии, се подарок од бугарскиот бизнисмен Милен Врабевски.
Тој е финансиер на клубовите во Битола и Охрид, чие отворање под имиња на контроверзни историски личности ја вознемири македонската јавност, и предизвика голем број на тензии помеѓу народите. -Голема благодарност за докторот Милен Врабевски и фондацијата Бугарска меморија, кои константно помагаат за вистината и за братскиот народ во Македонија. Бог да му дава здравје на Христијан Пендиков и побргу да оздрави – порачаа од клубот во Охрид, и објавија фотографии од подароците кои Врабевски му ги испратил на Пендиков.
Она кое може да се види од објавените фотографии, Врабевски го почестил Христијан со храна. Млеко, леќа, портокали, зејтин, оцет, кафе, конзерва со сардини, шеќер, макарони… се дел од производите кои биле наменети за побрзо оздравување на натепаниот секретар на клубот. Како потсетување, по кафеанската тепачка во која Пендиков беше повреден, Бугарија испрати владин авион да го однесе во Софија на лекување. Му беше извршена операција за стабилизирање на долната вилица од страна на специјалисти од одделот за Орална хирургија во Софија, и нема информации дали се вратил во Македонија.
Вики Клинчарова