Илјадници бугарски навивачи протестираа на улиците на Софија поради начинот на управување со Фудбалскиот сојуз на Бугарија, а протестот стана насилен.
Најмалку 12 лица се повредени во судир меѓу бугарски навивачи во Софија и локалната полиција, пренесува бугарски Спортал.
Квалификацискиот натпревар меѓу Бугарија и Унгарија за Европското првенство следната година стана „жртва“ на спорот меѓу Фудбалскиот сојуз и навивачите.
Навивачите на неколку минути пред почетокот на натпреварот почнаа да фрлаат пиротехнички средства, камења и пластични шишиња кон полицијата. Бидејќи биле запалени корпи за отпадоци, полицијата одговорила со водени топови.
Медиумите објавија дека неколку демонстранти се повредени.
„Последната капка“ која ги разлути незадоволните навивачи беше одлуката вечерашниот натпревар да се игра пред празен стадион во Софија опкружен со 1.600 полицајци во опрема за бунт.
Речиси две децении бугарската репрезентација не успеала да се пласира на голем турнир. Навивачите повикаа на национални протести по последните два понижувачки порази од Албанија и Литванија во октомври.
Навивачите во 18. минута од секој првенствен натпревар во изминатите недели извикуваа „Оставка!“ на претседателот на Здружението Борислав Михаилов и неговите помошници кои 18 години се на чело на ФС.
Плашејќи се од нереди, Михаилов минатата недела побара од Европската фудбалска унија (УЕФА) натпреварот против Унгарија да се игра пред празни трибини.
Навивачите одговорија дека е нечуено бидејќи нема случај во историјата на фудбалот некоја асоцијација да побара да се игра домашен натпревар без навивачи.
Таа одлука предизвика гнев кај бугарските навивачи.