Откако вчера Собранието ја избра новата влада, денеска новите членови на владата предводена од Димитар Ковачевски ги презедоа функциите.
Утрово, новоизбраниот премиер Ковачевски ја презеде функцијата и кабинетот од досегашниот премиер Зоран Заев.
Досегашниот вицепремиер за антикорупција Љупчо Николовски и ја предаде функцијата на Славица Грковска и веднаш замина на нова позиција како министер за земјоделство.
На местото на Никола Димитров, нов вицепремиер за евроинтеграции стана досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ.
Досегашната пратеничка Славјанка Петровска ја преземе министерската функција за одбрана од Радмила Шекеринска.
Беким Сали од Алтернатива, пак, седна во министерското столче во ресорот здравство, каде досега министеруваше Венко Филипче.
Потоа, досегашниот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири од ДУИ стана нов министер за образование на местото на Мила Царовска.
Нова министерка за труд и социјала, пак, стана досегашната директорка на трудовиот инспекторат Јована Тренчевска, која ја замени Јагода Шахпаска.