ФОТО Нашинци во Австралија по грешка добиле политички флаери на грчки, наместо македонски јазик

by Fokus

Македонци кои живеат во Австралија, пред околу две недели добиле политички рекламни флаери, во кои делот предвиден за македонски јазик бил напишан на грчки.

Станувало збор за рекламни флаери од страна на кандидатката на Лабористичката партија на Австралија за областа Батман, Викториа, а нашинците реагирале бурно, прашувајќи се дали се работи за некој вид на провокација.

Сепак, според Веле Трпевски, кој до пред една недела беше амбасадор на Република Македонија во Австралија, станувало збор за ненамерен пропуст, а претседателот на либералите, Бен Шортен информирал дека ќе оствари средби со претставници на македонската заедница, со цел да се надмине негативниот публицитет кој по грешка бил нанесен врз неговата партија.

-Би сакал да ја адресирам горливата тема во македонската заедница во Австралија изминатите два дена, а во контекст на големиот пропуст од страна на кандидатката на Лабористичката партија на Австралија за областа Batman, Victoria. Имено, на рекламните флаери доставени до гласачкото тело кои се преведени на јазиците на најголемите заедници во оваа област, меѓу кои и македонската, делот на македонски јазик е всушност напишан на грчки јазик. Имајќи ја во предвид сензитивноста на Македонците во однос на ова прашање, сакам да Ве известам дека веднаш стапив во контакт со раководството на Лабористичката партија, пред се Претседателот на партијата Бил Шортен, кои ме уверија дека се работи за голем но ненамерен пропуст. Тие изразија огромна загриженост и пред се жалење за инцидентот и притоа потенцираа дека во никој случај не се работи за политика на нивната партија и дека тие ги сметаат Македонците за интегрален и премногу значаен дел на австралиското општество и мултикултурализам. Во овој контекст добив уверување дека Претседателот на партијата Бил Шортен лично и јавно ќе се извини за пропустот а воедно и ќе се вклучи во кампањата на кандидатката при што ќе реализира повеќе средби со претставници на македонската заедница, а во насока на надминување на негативниот публицитет кој оваа грешка го нанесе на неговата партија – информираше на својот Фејсбук профил Трпевски, прикачувајќи го и писмото кое го добил од Шортен.

Сепак, и покрај појаснувањето дека се работи за грешка, нашинците на неговиот профил најчесто коментираат како не веруваат во случајна грешка или пропуст, туку според нив се работи за еден вид на провокација.

Вики Клинчарова

Поврзани новости