(ФОТО) Како изгледа Охридско лето во време на корона вирус

by Fokus

Во туристичкиот центар Охрид во тек е јубилејното 60-то издание на фестивалот Охридско лето.

Популарната музичко-сценска манифестација беше отворена на 4-ти август, со концерт на Вокални бисери – по стапките на Ана Липша Тофовиќ, а ќе трае до 30-ти август. Околу тоа како изгледаат настаните во склоп на фестивалот, во време на корона вирус, кога поради мерките за заштита целиот концепт е променет, од НУ Охридско лето ни доставија фотографии. На истите може да се забележат новите протоколи според кои се одвиваат предвидените програми.

Задолжително мерење на температура при влез, носење на заштитни маски, дистанца помеѓу гостите, е новата реалност на фестивалот. Како што информираат организаторите, завчера во црквата Света Софија се одржал концерт за флејта и гитара на македонско-француското дуо СолиПс.

-Реномираните уметници, флејтистката Елена Стојческа и гитаристот Роман Петио го започнаа својот настап со Големото концертантно дуо оп.52 за да потоа да го претстават Прелудиумот за попладнето на еден фаун од Клод Дебиси и да го заокружат првиот дел од концертот со Приказната за тангото на Астор Пјацола. Вториот дел беше посветен на композиторот Рави Шанкар преку изведувањето на неговата Магична зора на рага Тоди, на Равеловата Пиеса во форма на хабанера, а музичкото доживување заврши со Четири македонски песни за алт, флејта и гитара од композиторот Мирослав Тадиќ. Флејтистката Стојческа доаѓа на Охридско лето по една деценија, и како што рече, посебно е чувството при секој нејзин настап на фестивалскиот подиум-појаснуваат организаторите, додавајќи дека сите настани се одржуваат според здравствените протоколи.

Музичката програма на фестивалот Охридско лето вечерва продолжува со концерт на познатата руска пијанистка Наталија Трул што ќе се одржи во црквата Света Софија во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот. На репертоарот се дела од Бетовен, Шопен и Дебиси.

Вики Клинчарова

Поврзани новости