(Видео) Апокалиптични сцени од катастрофата во Словенија

by fokus

До вчера никој не се сомневаше дека поплавите можат да ја уништат речиси цела Словенија и да однесат три животи за помалку од еден ден.

Речиси во минута пристигнуваат шокантни сцени и вести. Уништени се патишта, урнати мостови, поплавени куќи и згради, илјадници луѓе се евакуирани. Премиерот Роберт Голоб изјави дека ситуацијата во Словенија е катастрофална и дека се очекуваат рекордни штети од прогласувањето на независноста откако земјата ја погоди силно невреме, проследено со поројни дождови, поплави и свлечишта. Досега е потврдено дека загинале три лица, меѓу кои и двајца холандски државјани.

Словенечката Агенција за заштита на животната средина, АРСО, го подигна своето предупредување за временска прогноза на највисоко ниво, по поројните дождови во северниот, северозападниот и централниот дел на земјата во рок од 24 часа.

Жителите на градот Коменда велат дека нивните куќи биле целосно уништени од поплавите.

Надлежните соопштија дека во градот Камник загинала словенечка државјанка, додека во планинската област кај градот Крањ две Холанѓанки.

Метеоролозите велат дека денеска нема да биде крај на неволјите, бидејќи се очекуваат нови врнежи, а со тоа и нови неволји за граѓаните на Словенија.

Фото: Танјуг/АП

Поврзани новости