На протестот што го организираше ВМРО-ДПМНЕ против приведувањето на 36 лица за терористичко загрозување на уставниот поредок со учество во инцидентите на 27 април учествуваа многу актуелни партиски функционери. Арно ама, на протестот можеше да се видат и луѓе што припаѓаат на други партии.
Еден од нив е Ламбе Арнаудов, кој е член на ВМРО-Народна партија од првиот ден откако ја формираше Љубчо Георгиевски по разидувањето со Никола Груевски. Арнаудов беше еден од најверните и најлојалните соработници на Георгиевски, но партиски извори велат дека тие ги заладиле односите во последно време, па дури и дека Арнаудов извесен период воопшто не се појавил во партиските простории.
Инаку, тој отворено се загалаше „народњаците“ да настапат во коалиција со ДПМНЕ на последните парламентарни избори, меѓутоа на крајот мнозинството од партијата одлучи да настапат во десен блок со Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов, додека на последните локални избори Георгиевски им дозволи на локалните ограноци сами да одлучат како ќе настапат во секоја општија посебно.
По промената на власта во 2002 година, поранешниот директор на електростопанството и претседател на фудбалската федерација на Македонија, Арнаудов, беше еден од вмровците што беа уапсени од тогашната власт на СДСМ. Тој беше во затвор и неколку години од владењето на ДПМНЕ на Груевски, меѓутоа беше помилуван од претседателот Ѓорге Иванов во 2009 година.