Форумот за демократска Македонија разочарани од лошите кадровски решенија на владата

by Fokus

Форумот за демократска Македонија, заедница на иселеници од Република Македонија го изразува своето незадоволство од низата нетранспарентни кадровски решенија на Владата на Република Македонија, кои сериозно ја доведуваат во прашање нејзината посветеност на избирање и именување кандидати за јавни функции преку доследен, натпартиски и мериторен процес.

„Едно такво проблематично решение е и изборот на членовите на Комитетот за одобрување на инвестиции во Фондот за иновации и технолошки развој. Самата одлука за овој избор, иако донесена во ноември 2017, беше објавена за јавност три месеци подоцна. Пример за несоодветните критериуми при изборот на членовите на овој Комитет е Глигор Ташковиќ, на македонската јавност познат како министер за инвестиции од 2006 до 2008 година во македонската влада. Според неговиот LinkedIn профил, Ташковиќ не престанал да ја извршува оваа функција од моментот кога бил именуван, иако престанал да ја врши пред речиси осум години. Според неговата биографија, министерската функција е првиот сериозен ангажман на Ташковиќ и во неа нема податоци за каква и да е експертиза или професионално искуство од областа на иновации или висока технологија. За време на неговиот официјален мандат, Transparency International Macedonia во извештајот за ноември 2007 под наслов Корупциски барометар, на трето место го има изгласано економскиот промотор на тогашната Влада Ферки Демировски и неговиот шеф, Глигор Ташковиќ – се наведува во соопштението на ФДМ.

Од таму додаваат дека владата е должна процесите да ги води доследно и отворено и да ги образложи именувањата кои треба да се во интерес на даночните обврзници.

Форумот за демократска Македонија секогаш ќе ја поддржува идејата Македонија да биде демократско и правно општество во кое именувањата од страна на државата ќе бидат транспарентни и каде искуството и експертизата ќе бидат единствениот критериум за избор.

Поврзани новости