Фондот за пензиско направил цех од 30.000 евра во ресторани спротивно на Законот

by fokus

Во текот на 2016-та година во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување извршени се набавки за угостителски услуги во износ од 28.700 евра без да се спроведат соодветни постапки за јавна набавка, констатирал државниот ревизор во последниот свој извештај за ПИОМ. Според ревизорот ова не е во согласност со член 17 од Законот за јавни набавки.

„Нецелосното уредување на начинот, намената и износот за користењето на репрезентацијата предвидена со финансискиот план како тековни расходи може да влијае на рационално и ефикасно искористување на средствата“, стои во извршената ревизија.

Ревизорот препорачува одговорните органи во Фондот во иднина целосно да го уредат начинот, намената и износот за користењето на репрезентацијата и спроведувањето на соодветна постапка за јавна набавка.

Дополнително од Државниот завод за ревизија наведуваат дека со планот за јавни набавки за 2016та година е планирана набавка на моторни возила, патничко и теренско, иако раководителот на одделението за човечки ресурси не утврдил потреба за ваква набавка.

„Набавката е планирана без претходно извршени анализи за реалните потреби за набавка на овој тип на возила и нивната намена. Со овој начин не се потврдува оправданоста на постапките и не се обезбедува почитување на начелото на разионалност и ефикасност“, додаваат од таму.

Поврзани новости