Во последниов период од повеќе пензионери Фондот за пензиско и инвалидско осигурување побарал да докажат дека се живи за да можат да продолжат да ја примаат пензијата, објави Телма. Иако Фондот тврди дека има ставка според која пензионерите на 6 месеци би требало да доставуваат потврда за живот, тоа досега не беше пракса. На оние пензионери кои им било побарано да достават ваква потврда, во меѓувреме не им се исплаќаат пензиите.
-Добивме писмо дека треба да се достави уверение за живот. Го доставивме во два наврати во Фондот уверението, но пензија не добиваме веќе три месеци, изјави за телевизија Телма, Билјана Јанковска, роднина на Пецо Јанковски, пензионер инвалид кому му била стопирана пензијата.
Пред овие случувувања никогаш не било барано од пензионерите на секои 6 месеци да доставуваат потврда за живот, обврска за која Фондот за пензиско и инвалидско осигурување тврди дека постои. Никој од пензионерите со кои Фокус разговараше, не знаеше дека на секои 6 месеци треба да докажува дека е жив. Ниту пат, некој досега тоа го правел, а пензиите никогаш не им биле стопирани.
Зошто Фондот токму сега реши да почне да бара од пензионерите потврда за живот, а во меѓувреме, па и по доставувањето на потврдата, да не им ги исплаќа пензиите? Една од можните причини е тоа што Фондот е празен, па на овој начин се одолговлекува исплаќањето на пензиите. Се одолговлекува додека државата не земе нов кредит за да ја покрие дупката во пензискиот фонд. Нешто што и досега беше пракса: поради неликвидноста на Фондот, пензиите да се исплаќаат со пари од Буџетот, за што најчесто беа потребни задолжувања.
Катерина Смилева