2.2K
Веќе неколку недели наназад хит помеѓу тинејџерите е новиот производ кој што може да се купи во поголемите маркети, но и во маалските продавници, водата со канабис, која што ја произведува компанијата Кодинг – Горска.
Во пластични шишиња од 0,75 литри, со етикета на која пишува Горска +Релакс, вкус на грејпфрут, канабис, и по цена од 50 до 55 денари, производот за кратко време стана доста популарен.
Во составот, покрај вода, арома и витамини, наведено е дека има и екстракт од семе од коноп. Напишана е и препорака да се чува на ладно и темно место, но околу тоа кои се придобивките од консумирањето на производот и дали евентуално може да предизвика штетни последици, со оглед на тоа што без проблем го купуваат и деца, нема никакви податоци.
Компанијата Кодинг – Горска, која што ја произведува водата со канабис се најде во центарот на вниманието на јавноста лани, кога доби грант од 18.227.237 денари, односно 296.000 евра од Фондот за иновации за „Воведување на нов вид на производ во нова амбалажа, дизајн и етикета за горска вода со алое вера и ацерола“. Јавноста реагираше првенствено поради тоа што директор во таа компанија е Горан Тодоров, претседател на општинската организација на СДСМ Кавадарци.
На рафтовите во маркетите покрај водата со канабис, од истата компанија сега се продава и вода Горска +имуно, по цена од 40 до 45 денари со насликани ацерола и алое вера на етикетата, односно иновацијата за која го добија грантот од околу 296.000 евра.
За водаата од канабис пак, што се најде на рафтовите во маркетите во исто време со водата со вкус на ацерола и алое вера, во времето кога го добија грантот, немаше никаква најава.
-Компанијата Кодинг – Горска во 2018 година доби грант во вредност од 18.227.237 денари, односно 296.000 евра од Фондот за иновации за „Воведување на нов вид на производ во нова амбалажа, дизајн и етикета за горска вода со алое вера и ацерола“. За водата со канабис која е пуштена во продажба не сме доделиле грант – вели за „Фокус“ директорот на Фондот за иновации и технолошки развој.
Од она што може да се види преку новата алатка Отворени финансии, која ја промовираше Владата со цел јавноста да има увид која државна институција кому му исплатила пари, наведено е дека компанијата Кодинг – Горска добила средства од Фондот за иновации и технолошки развој и оваа година.
Според објавените податоци, од почетокот на годинава, на Кодинг – Горска од село Конопиште, Кавадарци, и биле исплатени вкупно 250 илјади евра, во два наврати. Првин добиле 192 илјади евра, а потоа уште 58 илјади евра. На 23 август легнала сумата од 11.783 543 денари, односно нешто помалку од 192 илјади евра, а пред тоа, на втори мај била исплатена сума од 3.561 794 денари, односно околу 58 илјади евра. Деспотовски појаснува дека не станува збор за уште еден грант за истата компанија, туку средствата кои се исплатиле биле од претходно добиениот грант.
-Сумите објавени во Отворени финансии се всушност пари од веќе добиениот грант од лани, а се исплаќаат квартално. Да нема забуна, компанијата Кодинг – Горска има добиено еден грант минатата година, не станува збор за нов – објасни Деспотовски за „Фокус“.
Околу новиот изум, водата со канабис, и дали истата е безбедна и препорачана за консумирање од страна на деца и тинејџери, бидејќи на производот не е наведено ништо околу позитивните придобивки и евентуални негативни појави од негово консумирање, ,,Фокус” уште вчера се обиде да стапи во контакт со Горан Тодоров, сопственикот на компанијата. До објавата на текстот, тој не одговори на нашите СМС пораки и телефонски повици.
Ниту директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов не одговори на нашите телефонски повици во обид да дознаеме повеќе детали за производот.
Вики Клинчарова