Универзитетот ФОН денеска преку соопштение призна дека во изминатиов период се соочиле со финасиски потешкотии, но не по нивна вина, туку како сплет на околности, но од друга страна ги демантира наводите на професорот Здравко Савески за добиениот отказ. Во соопштението се наведува дека мала група на вработени спроведувале штрајк соогласно нивните законски права и управата на универзиетот тоа го почитувала.
– Што се однесува до наводите на професорот Савески за добивањето отказ, истите ги отфрламе како неточни. Веродостојноста на ова наше тврдење може непосредно да се провери токму кај самиот професор. Имено, тој нема да овозможи да се направи увид во „отказното решение“, од причина што такво не постои. Единствено што е факт кој не го спориме е дека на професорот Савески, во вербална комуникација му е предочено дека се констатирани неговите неисполнувања на основните педагошки обврски и активности насочени против интересите на институцијата и студентите, со што прекршува повеќе законски одредби – се наведува понатаму во соопштението.
Од таму тврдат, дека универзитетот е установа која врши услуги од јавен интерес и како таква, дури и во услови на штрајк, нејзините вработени имаат законска, но и морална обврска кон своите студенти како корисници на тие услуги, истите да ги сервисираат.
– Професорите и асистентите кои, согласно Законот за високо образование се даватели на јавни услуги, се должни во остварувањето на правото на штрајк да обезбедат минимум непречено извршување на функциите на институцијата и неопходното ниво во остварувањето на правата и интересите на граѓаните и на правните лица. Ние стоиме зад принципот дека е недопустливо целата академска заедница на универзитетот да се стави во позиција да биде заложник на било кој поединец кој, манипулирајќи ги законите, со постапките за „остварување на сопствените права“ да им ги нарушува правата на останатите, а најповеќе на студентите – се наведува во соопштението од ФОН.