Софија може да извезе струја за Северна Македонија, но има европски директиви кои не дозволуваат да се извезува на земја која не е членка, а претходно да не се понудат вишоците на други земји-членки или директно на светскиот пазар, каде цените се изгор, рече претседателот Стево Пендаровски во емисијата „Топ тема“.
-Ние можеме да платиме, но зборуваме за билатерална испорака на струја од Бугарија до нас. Цената е висока на светските пазари и затоа бараме на билатерално ниво да направиме нешто. Енергетски експерти работат на оваа тема. Затоа беше мојата заложба за да бидеме во трилатерална средба со Фон дер Лајен, рече Пендаровски.
Тој појасни дека Бугарија, како членка на ЕУ, бара од Европската комисија механизам како можеме да не ги рушиме европските директиви, прописи и правила и да се направи, како што рече, билатерална трансакција меѓу земја членка на ЕУ и земја која се уште не е членка на Европската Унија.
– Тоа беше целта на нашата средба заедно со Фон дер Лајен. Има неколку механизми, еден од нив кој е применуван, особено во време на КОВИД-кризата, да се побара од тие т.н. компензациски фондови на ЕУ да се обесштети државата која, евентуално, би морала по светски цени да ги набавува енергентите. ЕУ ги има тие солидарни фондови преку кои им се помага на земјите што се уште не се членки. Нешто слично како со вакцините кога беше врвот на короната, а кога вакцинацијата на светско ниво беше тукушто започната, додаде Пендаровски.
На новинарското прашање дали процедурата која денеска ја договарале ќе одземе време, одговори дека за опцијата компензација од ЕУ секогаш помислува на долгите бирократски правила на Унијата, која, како што рече, е гломазна организација со 27 земји членки.
– Првото и последното мое прашање до Фон дер Лајен беше дали можеме во некој разумен временски рок, ако работните групи на двете држави, кои и денес работат, најдат решение во рамки на оваа варијанта, дали може да биде во некое разумно време со компензацијата. Таа ми рече дека ако се запазат процедурите и ако апликацијата е во ред, а тоа ќе го направиме со помош на нивни експерти зашто би го правеле првпат, дека тоа може да се заврши за неколку недели, а не за неколку месеци, рече шефот на државата.