Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дека првите граѓани на Европа ќе бидат вакцинирани против Ковид-19 пред крајот на декември оваа година.
Во својот говор пред Европскиот парламент, Лајен предупреди дека и покрај „светлото на крајот од тунелот“, не смее да има брзо олеснување на мерките воведени против ширење на вирусот.
„Ситуацијата со пандемијата и натаму е сериозна. Со речиси 3.000 смртни случаи на ден, Ковид-19 беше причина број еден за смрт во ЕУ минатата недела. Болниците се уште се под притисок, знам дека сопствениците на продавници и угостителите сакаат да се укинат ограничувањата, но не смееме да ги повторуваме истите грешки. Премногу брзо и премногу релаксирање ризикува трет бран по Божик”, рече Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека овој Божик во ЕУ ќе биде поинаков и потивок, но дека има и добри вести.
– Европската комисија досега обезбеди договори со шест компании. Првите европски граѓани би можеле да бидат вакцинирани пред крајот на декември. Светлото е конечно на крајот на тунелот, рече Фон дер Лајен.
Таа ги повика земјите-членки веднаш да подготват логистика за распоредување на милиони дози вакцини, вклучувајќи милиони шприцеви, ладилници, организација на центри за вакцинација и обука на персоналот.