Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен попладнево ги презентираше предлозите за олеснување на ценовниот шок врз граѓаните, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Главната мерка што ја предлага Европската Комисија е ограничување на цената на рускиот гас, и истовремено диверзификација на изворите на гас, преку увоз на течен природен гас од Норвешка, Алжир, Азербејџан и други земји, рече Фон дер Лајен.
Целта на ставањето лимит врз цената на рускиот гас е да се „укинат приходите“ на Русија со кои ја финансира војнат во Украина.
ЕУ веќе во значајна мера ја намали зависноста од рускиот гас, рече претседателката, увозот е паднат од 40 отсто на 9 отсто.
На прашањето зошто не се ограничува цената и на другиот увозен гас кој исто така чини скапо, а економската криза силно ги погоди граѓаните во ЕУ, фон дер Лајен одговори дека се разговарало за тоа, но за сега нема исход.
-Енергијата е ретка глобално и течниот природен гас може да се пренасочи до други региони, гледаме да останеме конкурентни за добавувачите на течен природен гас, но да се осигуриме дека цените што ги плаќаме не се вонредно високи, туку во пристојна граница, одговори фон дер Лајен на новинарско прашање.
Освен тоа, Европската Комисија предлага да се ограничат “неочекуваните профити“ на компаниите затоа што нивните приходи не соодветствуваат со нивните трошоци за производство. Овие профити треба да се пренасочат за да им се помогне на најсиромашните, рече таа.
Се предлага и гасните и нафтените компании, кои прават масивни профити во оваа криза, да имаат “солидарен придонес“ кој исто така ќе служи да се финансираат ранливите групи граѓани.
Конечно Комисијата вели дека треба да им се помогне на енергетските компании кои се соочуваат со непредвидливоста на пазарот и со тоа се загрозува стабилноста на идните пазар, за оваа цел ќе им се помогне со ликвидна поддршка, додаде таа.