Сепак, доколку сакате да се чувствувате ,,посебно’’ ВИП за време на концертот, организаторот на настанот, Балкан Медиа, нуди специјални понуди со коњопој. И ако во минатотото коњопој значеше место каде коњите пијат вода, денес тоа е најелитната локација за време на концерти, односно висока барска масичка со барски столици пред самата бина. Не е познато од каде и како во изминативе години се наметна името коњопој, но факт е дека само оние со подлабок џеб за време на концерти можат да си го дозволат.
Понудите за коњопој за Цеца ги има во четири варијанти. Првата е четири влезници со коњопој, вотка и литар сок од портокал за 7.000 денари, четири влезници со литар Џејмсон виски, четири лименки Ред Бул и четири води се нудат по цена од 7.500 денари во вториот пакет, четири влезници со Чивас виски, Ред Бул и вода по цена од 9.000 денари, за третиот пакет, и најлуксузната понуда, четири карти со шампањ Моет на коњопој за 10.000 денари.
Од организацијата потенцираат дека влезниците со коњопој во ВИП делот се во ограничен број. Цеца е се почеста гостинка во Македонија во изминатиов период. Во месец март имаше концерт во Скопје, во спортскиот центар ,,ВИП Борис Трајковски’’. Лани пееше на стадионот во село Турново, Струмица, но и на градскиот плоштад во Македонска Каменица. Има одржано концерти и во Струмица, Прилеп, и Охрид во изминатите години за време на општински манифестации и секогаш успева да привлече десетици илјади публика.