Фолк пејачката и гајдаџика Елена Јовческа вмешана во криминалот со авиобилети: ГОСПОД ДА ТЕ ЧУВА ОД НЕЧЕСНИ РОДНИНИ

by fokus

Познатата гајдаџика и фолк пејачка Елена Јовческа деновиве се најде во центарот на вниманието, откако против нејзината прва братучетка Ј.Ч. (29) од Прилеп ПС-ОН Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,злоупотреба на службената положба и овластување“, ,,измама“ и ,,фалсификување или уништување на деловни книги“ како и против правното лице ,,СТОРИА ТРАВЕЛ“ ДООЕЛ Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,измама“ и ,,фалсификување или уништување на деловни книги“, а во чија што агенција Елена била вработена од месец март годинава.

Ј.Ч. со цел да се стекне со противправна имотна корист кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година континуирано до месец август, отпочнала со вршење на услуги на туристички агенции, при што со лажно прикажување дека е овластена да продава промотивни авио карти  по цени далеку поевтини одколку реалните, без да ги поседува потребните дозволи – сертификати за организирање на авио превоз –  ИАТА сертификат, и без да склучува било какви договори за соработка со авио превозниции, примала парични средства од граѓани кои  дел од граѓаните ги уплаќале на жиро сметката на фирмата „СТОРИА ТРАВЕЛ“, а додека на поголем број од нив паричните средства им биле наплаќани во готово.Сепак, сите кои што уредно си платиле за авионски карти – не ги добиле. Како гаранција дека истата им обезбедила авио карти биле електронските термини на летовите кои се вклучени за одредени дестинаци, додека на ниту еден од оштетените граѓани им немала доставено потврда за извршено плаќање на авио карта. Во намамувањето на граѓани пријавената кај голем дел од оштетените  ја искористила и Јовческа, нејзина братучетка, која често патува во странство и има контакти со иселеници од Македонија, кои имале потреба од авионски карти за посета на Македонија. Пријавената воедно и ја вработила познатата гајдаџика во нејзината фирма од 01.03.2016 година, а ја овластила и како потписник на жиро сметката од 10.07.2016. На ваков начин нечесната братучетка на Елена оштетила петнаесетина субјекти од кои едно е правно, а останатите се физички лица  и притоа се стекнала со противправна имотна корист од 1.613.446 денари. МВР го потврди настанот.

thumbnail_elena avstralija12Јовческа вели дека е шокирана од целиот настан и сеуште не може да сфати како блиска роднина можела да и наштети до таа мера, водена од алчност и желба за брза и нечесна заработка. Таа веќе поднела тужба против осомничената прилепчанка.

,,Приказната е многу долга и МВР веќе работи на целиот случај. Бев вмешана во нечесни игри, но исто така сум и многу оштетена од мојата блиска роднина. Затоа само ќе кажам, Господ да не чува од роднините и од лажните пријатели, тие во кои што многу веруваме, најдобро знаат да ни забодат нож во грб. Јас бев вработена во нејзината агенција, луѓе доаѓаа постојано да си купат авио билети и да уплатат за туристички ангажмани. Сепак, таа одлучуваше за се, таа им ги кажуваше цените. За жал, никој не си ги доби билетите, луѓе поради неа останаа во Грција избркани од хотел, дури и јас не ги добив моите билети. Таа си поигра со многу луѓе, направи големи штети. Никој не знае што се преживеав, но ова ми е лекција да не верувам на никого, дури ни на оние кои што се прават дека ми се најблиски. Се надевам дека правдата ќе биде спроведена, а јас научив дека треба да бидам многу внимателна во иднина и да не се впуштам во никаков бизнис со никого, пред добро да проверам за што точно се работи,, – вели гајдаџиката која што е една од нашите најбарани музичарки во последниве години кај  дијаспората.

,,Јас сум голем патриот, амбасадор на нашата култура и традиција и со помош на музиката, на нашите изворни музички инструменти како гајдата и зурлата, станав ценета и барана кај нашинците во странство. Ова е обид да се стави дамка на моето дело, на мене како личност, но и на мојата кариера. Затоа, правдата ја барам на суд, верувајќи дека правниот систем ќе си ја заврши работата како што треба и дека на сите оштетени лица ќе им се помогне,, – изјави Јовческа која што нашинците во странство ја нарекуваат Кралица на гајдата.

elena avstralija16

 

Вики Клинчарова

Поврзани новости