Се почестите настапи на балкански турбо фолк и поп пејачки за време на општинските манифестации во земјава, а кои што пејат за доста ,,солени,, хонорари, во последниот период предизвикуваат лавина од реакции од незадоволните граѓани, но и од нашите фолк пејачи. Сумите од по неколку десетици илјади евра, кои што за двочасовен настап ги земаат балканските музички ѕвезди се нешто за кое што нашите пејачи, реално кажано, можат само да сонуваат, но и покрај сите апели, хонорарите да се пренасочат кон некоја хумана цел, општините си продолжуваат со концертите на Северина, Цеца, Чолиќ, Чорба… Околу темава, која што е актуелна посебно по поплавата, откако Македонија апелираше за помош и донации од целата јавност, јавно за ,,Фокус,, збори битолската фолк пејчка Џесика Палашоска.
,,Јасно ми е дека Северина, Цеца и ред други балкански пејачки се доста атрактивни жени, убави за око, некому и за уво. Но зарем ние во Македонија немаме убавици на сцената? Први сме кога се хуманитарните концерти во прашање, не канат да пееме и на општински настани, но за жал, нашите хонорари во споредба со оние за кои што настапуваат пејачките од Србија и Хрватска, се смешни и не се ниту вредни за да се прави некаква споредба. Во изминатава деценија, на нашата естрада се повеќе доаѓаат убави жени, амбициозни, талентирани… Се трудиме да ги следиме светските музички трендови, вложуваме во нови песни, снимање на високобуџетни спотови. Покрај тоа што речиси и да немаме телевизија која што ќе одвои простор за нашата музика, немаме ниту доволно емисии посветени на народната музика, па затоа сами се снаоѓаме и бориме за своето место под ова наше естрадно небо. Не сакам да бидам сфатена грешно од страна на градоначалниците и спонзорите кои што одлучуваат кој да им пее, но кога се во прашање манифестации со кои што најчесто се прославува културното минато и историја на некоја општина, нели е редно да се пејат повеќе македонски песни? Ги гледав фотографиите од настапот на Северина во Берово, жената одлично си ја работи својата работа, но морам да потенцирам дека и во оваа професија треба да се почитува некаков дрес код, да се настапува сооветно среден според концептот на манифестацијата. Верувајте, и на нашата естрада има пејачки кои што одлично можат да се носат со Севе, дури и да ја засенат со своите облини, но ние сме секогаш поскромни и поумерени, најмногу поради почит кон настанот на кој што гостуваме. Има стајлинг за настап во кафеана, за во дискотека, за снимање на спот, но и стајлинг за настап кој што е во чест на зачувување на културно наследство на некоја општина. Би ги спомнала моите колешки Сања Барби, Елена Велевска, Татијана Стефановска и ред други, за кои што без скромност кажувам дека во секој поглед можат да ги засенат и Цеца и Северина со својата појава,, – вели битолчанката.
Таа е присутна на естрадата околу десет години. Пред неколку месеци снимаше спот во Барселона, Шпанија и вредно работи на својата кариера. Вложува во снимање на нови песни, од кои што некои се во турбо фолк стил, но снима и обработки на стари традиционални македонски нумери.
Како мало потсетување, во саботата Северина настапи во Берово на плоштад пред околу 30.000 народ. Таа не одговори дали и колку од својот хонорар ќе го донира за помош на поплавените. Вчера, Цеца настапи во Македонска Каменица, а пред тоа најави дека дел од хонорарот ќе го донира за настраданите во поплавата. На нашето прашање кои што и го доставивме по електронски пат, колку тоа точно пари ќе одвои за поплавените семејства, веќе цела недела чекаме одговор.
Вики Клинчарова