Веста дека е сузбиена криминална група од Грчец на чело со нарко-босот Шеваљ Муареми, која шверцувала кокаин од Колумбија, Боливија, Еквадор, Бразил, Перу и од други латино-американски држави во Европа, а црните пари ги перела и преку недвижности во Македонија, повторно го сврте вниманието кон скопското село, кое со години важи за упориште на нарко-босовите. „Фокус“ беше во селото, но, според тамошните жители со кои разговаравме, тоа веќе не е дувло на Муареми, иако негови блиски роднини сè уште живеат таму. Половина озлогласените криминалци се во странство, а другиот дел во притвор. Нашата посета покажа дека селото е полно со деца, а многумина од возрасните се занимаваат со земјоделие.
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Шеваљ Муареми оди заедно на забава на плажа во Шпанија со светски познатиот фудбалер Лионел Меси и се слика со познатиот ММА борач, Хамза Чимаев и живее во луксузното Дубаи.
Низ годините стана синоним за недопирлив бос, кој го држи нарко-пазарот на кокаин во Македонија, стои рамо до рамо со високи функционери и е прва асоцијација за неговото родно село Грчец.
Оддалечено е само 10 километри од Скопје, а се доживува како мала територија што ја чуваат нарко-босови и каде што ни силните „тигри“ и други специјални единици не се осмелуваат да влезат така лесно. Како место каде што не може да влезе кој кога сака и да прашува што сака.-
Но, далеку од тоа дека во селото ќе ве пречекаат вооружени нарко-босови, кои не даваат пиле да прелета. Селото е дел од Општина Сарај, веднаш до падините на Водно, покрај Треска и Матка и природата не се штедела тука.
– Тука е целосно мирно и безбедно за живеење, треба да се надминат стереотипите што се создаваат во медиумите – вели жител на Грчец низ насмевка, целосно свесен за тоа како другите го доживуваат селото.
Во неофицијалните разговори, дел од жителите кратко го прокоментираа и Шеваљ.
Тој е во Дубаи, но неговото семејство, татко му и братот живеат во селото. Имаат имот, но не сакаше никој да се впушти во разговор која куќа е негова, која на неговото семејство, со што се занимаваат.
Единствено коментираат дека пред десетина години било друго, кога сите нарко-босови живееле во селото, а сега е веќе друго. Половина од нив се зад решетки, а половина се во странство.
Но, тврдат дека и додека живееле во селото, немало проблеми – „секој терал свој бизнис“. Виновници за сликата што се создава за нивното село гледаат во политичарите.
– Политиката го направи тоа, порано тука во првите куќи од селото живееја и Македонци и имавме многу добар соживот – коментираат дел од нив.
Сега кога нè чекаат и парламентарни, и претседателски избори, и кога албанските опозициски партии се досега најсилни, и таму се чувствува желбата за промени.
Со оглед на тоа што Грчец е дел од Општина Сарај, нивен градоначалник е Блерим Беџети од ДУИ.
Беџети беше дел „огнената група“, која своевремено беше само фракција на ДУИ предводена од поранешниот градоначалник на Чаир и висок функционер на ДУИ, Изет Меџити.
Но, пред да се формира новата партија, Демократско движење на чело со Меџити, Беџети избра битката да ја води внатре во партијата, поточно се врати во прегратките на ДУИ. Неодамна, голем дел од огранокот на ДУИ од Сарај премина во новата партија на Меџити.
И додека партиите се прегрупираат, особено во албанскиот политички блок, нарко-босот од Грчец е во Дубаи. Спомен од него ни останаа неговите слики со Блерим Беџети и Изет Меџити и рамо до рамо со сега техничкиот премиер Талат Џафери.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.