Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, официјално стапи на функција на 8 ноември, а имотната состојба ја пријавила еден месец подоцна. Нејзиниот анкетен лист што го поднесе до Антикорупциската комисија по стапување на функцијата беше исклучително скромен, имајќи во предвид дека навела два помали стана од 38 и 42 метри квадратни во скопски Ѓорче Петров, гаража, автомобил и банкарски депозити…
Но, официјалната документација од Катастарот на недвижности што ја обезбедивме покажува дека нејзиното семејство поседува голем недвижен имот составен од куќи, хотели и згради, кој Арсовска не го пријавила во анкетниот лист, затоа што се води на име на член од семејството со кој не живее во исто домаќинство. Имено, неделникот Фокус објави имотни листови кои откривааат дека нејзиниот татко Ванчо Јовановски поседува недвижен имот од вкупно над 3.500 квадратни метри.
Поточно, Јовановски во Кисела вода поседува куќа со двор од 719 квадратни метри, како и стан со површина од 115 квадратни метри. Преку имотниот лист со број 30005, му е впишана сопственост врз недвижен имот од 534 квадрати, исто така во Кисела Вода, каде на иста адреса таму е лоциран и хотелот „Империал“. Од друга страна, имотниот лист со број 44553 покажува и сопственост на станови во 3 различни објекти со вкупна површина од 619 квадрати, со тоа што во оваа квадратура не влегуваат помошните, подрумскиот простории и заедничкиот простор.
Инаку, Јовановски своевремено бил инспектор во МВР, а денес поседува компании каде претходно сопственик или управител била неговата ќерка – актуелната скопска градоначалничка Арсовска. Нивната семејна бизнис кариера почнува пред повеќе од 15 години, кога почнува и официјално со работа компанијата „Ројал Груп“, која е основана на 25 јануари, 2008 година. Но, податоците од Централниот регистар говорат дека како прв сопственик на компанијата се јавува токму Арсовска.
Историјатот на промени покажува дека по извршени повеќе од 15 промени до 2012 година досега, актуелната градоначалничка фигурира еднаш како сопственик, еднаш како управител, па неколкупати се бришат тие податоци, за потоа, нејзиното име никаде да не може да се сретне. Исто така, според документите, Јовановски на негово име поседува четири компании, од кои една е правно неактивна. Потоа, една компанија поседува неговата сопруга Марика Јовановска, додека уште една фирма поседува нивниот син.
Целиот текст може да го прочитирате во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Ирена МУЛАЧКА