Имотот во Тафталиџе што го стекнал лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, претходно бил во (ко)сопственост на бизнисменот Исмаил Јахоски, кој е поранешен градоначалник на Пласница, a моментално е пратеник од редовите на ДУИ, покажува документацијата што ја обезбеди „Фокус“.
Куќата на Таравари влезе во собраниската расправа за избор на нови владини министри од редовите на Алијанса, откако Таравари постигна договор со СДСМ и ДУИ за да го засили парламентарното мнозинство. Притоа, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, отворено праша дали Таравари ја добил куќата на подарок?
-Пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат? Но, и дали воопшто тие 150 илјади евра воопшто се платени, зашто, според нашите сознанија, нема трансакции и на тие 150 илјади евра. Дали една од цените за влез во Владата е убавата куќа во Тафталиџе која му е поклонета на господинот Таравари од еден функционер од ДУИ? – праша Николоски.
Според Таравари, се работи за, како што вели, прилично инфантилни обвинувања коишто, додава тој, лесно се прелеваат и во медиумите, без да се консултира другата страна. „Фокус“ веднаш побара коментар од Таравари во врска со ова сериозно обвинување изнесено во Законодавниот дом, при што тој го даде следниот одговор:
„Куќата е купена во 2021 година, постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор. Се надевам дека тие што обвинуваат еден ден и самите ќе дозволат да ѕирнете во нивното секојдневие. Па, и да направите споредба…“.
Дополнително, го прашавме Таравари дали е точно е дека куќата е купена од функционер на ДУИ? Во однос на ова прашање, тој вели дека нема таква информација, истакнувајќи дека куќата му ја нашол пријател, а се договарал со жена која нема врска со политиката.
Таравари за обвинувањето на Николоски: Куќата ја купив во 2021, постапката е чиста!
ШТО ВЕЛАТ ОФИЦИЈАЛНИТЕ ПОДАТОЦИ?
Како што веќе објави „Фокус“, врз основа на проверките што ги извршивме во Катастарот на недвижности, Арбен Таравари преку имотен лист со број 47531 поседува земјиште од 100 квадратни метри и станбен објект-куќа од 261 квадратни метри, на улица Бриселска во Карпош. Всушност, објектот е лоциран на катастарска парцела со број 1432/2, во рамки на катастарска општина Карпош. Впрочем, Таравари куќата уредно ја пријавил во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија, каде навел дека ја стекнал по пат на купопродажба за цена од 9.2 милиони денари или 150 илјади евра. Во анкетниот лист не е наведено кога е склучен договорот, но, според одговорите што ги добивме од Таравари, куќата ја купил во 2021 година со помош на кредит.
Официјалните податоци покажуваат дека во непосредно соседство на новиот дом на Таравари недвижен имот поседува неговиот сопартиец Фатмир Меџити, кој е предложен за нов министер за здравство, на местото на Беким Сали до Алтернатива. Конкретно, Меџити поседува објект од над 300 квадратни метри лоциран на катастарска парцела број 1328, спроти куќата на Таравари.
Освен што се наоѓа спроти објектот на кумашинот и сопартиец Меџити, нашите проверки открија дека куќата на Таравари се наоѓа веднаш до куќа во сопственост на Љупка Еда Јахоска, која го поседува соседниот плац со површина од 450 квадратни метри на катастарска парцела со број 1440, заедно со објект од 161 квадратни метри.
Од јавно достапните информации се издвојува една објава на сајтот Академик, кој во 2014 година објавил текст по повод обуката што ја одржале за јавни набавки наменета за економски оператори. Еден од учесниците на оваа обука била споменатата Јахоска, која, како што пишува Академик, учествувала во својство на економист во компанијата „Пуцко Петрол“.
Инаку, Јахоска има исто презиме како сопствениците на оваа компанија, која своевремено беше во сопственост на актуелниот пратеник од редовите на ДУИ Исмаил Јахоски, кој пред неколку години кормилото му го препушти на неговиот син Асмир Јахоски.
Воедно, како што откриваат податоците од Централниот регистар, Јахоска ја поседува компанијата „Вест Балкан Стоне“, која, според регистарот на Министерството за економија, во 2018 година добила концесија за експлоатација на минерална вода во Пласница.
КАКО ТЕЧЕЛ ПРЕНОСОТ НА СОПСТВЕНОСТА?
Во меѓувреме, „Фокус“ дојде до историскиот преглед на извршените запишувања на катастарската парцела 1432/2, која го опфаќа земјиштето и објектот во моментална сопственост на Арбен Таравари. Како што произлегува од историјатот со кој располагаме, Таравари стекнал сопственичко право во 2021 година по пат на договор за купопродажба.
Според историјатот, ова парцела со број 1432/2 се формира во 2009 година, кога практично се дели парцелата со број 1432, која дотогаш е во сопственост на повеќе членови на семејството Чинго. Поточно, оваа парцела е во сопственост на Огнен Чинго, кој во 2013 година им го продава имотот на веќе споменатата Љупка Јахоска, како и на уште лице со истото презиме – Иса Јахоски.
Тие поседуваат по една половина од овој имот се до 2017 година, кога, според историјатот на движење на сопственост, Иса Јахоски својот дел го отстапува, односно му го подарува на Исмаил Јахоски, пратеник на ДУИ, чие семејство ја поседува нафтената компанија „Пуцко Петрол“. Неколку години подоцна, односно во 2021 година, единствен сопственик на имотот станува Таравари.
Иако тој ни велеше дека нема информација дека имотот порано бил во сопственост на Јахоски или на членови на неговото семејство, официјалната документација потврдува дека тој купил имотот од пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски и од економист на семејната нафтена компанија „Пуцко Петрол“ – Љупка Јахоска, која, како што веќе наведовме, моментално го поседува соседниот плац и објект.
Според анкетниот лист на Таравари, тој имотот го купил за 150 илјади евра, но се правдаше дека објектот има доста за реновирање. Патем, посочи дека за оваа цел земал банкарски кредит, додека опозицијата преку Николоски изрази сомнеж дали воопшто е реализирана ваква реакција. Во врска со оваа тема се обративме до првиот човек на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски, но не добивме одговор.
Влатко СТОЈАНОВСКИ