Пред два дена полиција влегла на скопската Клиника за онкологија, каде ја лишиле од слобода 28-годишната А.О., која наводно крадела ампули од болницата, каде што три-четири години била вработена, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, на 28 февруари полицајци дошле на скопска Онкологија од каде што веќе подолг период, вработената изнесувала ампули.Таа се терети за сторено кривично дело „послужување“ казниво по член 240 од Кривичниот законик“.
„Фокус“ ја контактираше и актуелната директорка на клиниката, доктор Виолета Клисаровска, која ни ги потврди информациите.
„Точна е информацијата. Целата постапка ја води полиција со понатамошна судска постапка. Вработената е суспендирана од работното место, се до правосилна одлука од суд“, истакна доктор Клисаровска.
И во текот на вчерашниот ден, во полицискиот билтен излезе информација дека вработена крадела ампули од клиника, но никаде немаше податоци за која клиника станува збор.
„При преглед во нејзиното возило `рено клио` со скопски регистарски ознаки, биле пронајдени лекови во вид на ампули кои ѝ биле доверени и за кои била задолжена на Клиниката каде што била вработена.
Предметите биле одземени и вратени на одговорното лице во Клиниката“, се наведуваше во полицискиот билтен.
„Со А.О. бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со Јавен обвинител, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава“ велат од МВР.
Ова не е прв ваков случај на скопската Клиника за онкологија и радиологија. Пред речиси три години, поточно во 2020 година медицинска сестра која работела во дневната амбуланта, каде пациентите добиваат терапија, била фатена како краде цитостатик.
Тој тип на цитостатикот се користел за лекување на пациенти со различни видови на малигни заболувања.
Ирена Мулачка