Згаснатиот дневен весник „Фокус“ треба да му плати околу 9.000 евра обесштетување на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, за нарушување на неговата чест и углед.
Основниот суд Скопје 2, поточно судијката Јованка Спировска-Панева донесе пресуда со која, Јадранка Костова, главен и одговорен уредник на „Фокус“, е казнета со 5.000 евра, новинарот Владо Апостолов со 1.000 евра, а уредникот и новинарот треба да ги надоместат и судските трошоци на адвокатот на Мијалков, Антонио Апостолски, во вредност од 3.312 евра.
Во судскиот процес обвинет беше и поранешниот амбасадор на Македонија во Чешка, Игор Илиевски, кој, пак, на Мијалков, исто така треба да му плати 10.000 евра.
Првиот човек на УБК, Мијалков, тужбата против сега згаснатиот дневен „Фокус“ ја поднесе поради два објавени текста, во кои написи се засновани врз изјави на поранешниот амбасадор Илиевски, што значи дека весникот е казнет поради пренесени изјави?!
Еве, што за дневен „Фокус“ изјавил ексамбасадорот Илиевски:
– Главната причина зошто бегав од Чешка беше координираната активност на шефот на македонската тајна полиција Сашо Мијалков со неговите пријатели, кои се мошне добро организирани во Чешка.
– Сашо Мијалков, наместо да помогне со имплементацијата на судската мерка врз основа на Виенската конвенција за дипломатски односи како и врз основа на државните договори, застанува на страната на адвокатот и заедно почнуваат масовна акција кон мене со употреба на сите можни средства и методи.
– Понатаму тој раскажува дека Мијалков вршел огромен вербален притисок врз министерот за надворешни работи Никола Поповски и врз претседателот Ѓорге Иванов за да ги тргнат рацете од овој случај.
– Сашо Мијалков го спречи тоа и почна масовен последен напад. За среќа, неуспешен. Мијалков беше нем набљудувач на четирите закани по мојот живот и трите закани за бомба на амбасадата.
– Според Илиевски, Мијалков се ставал на страната на чешкиот адвокат, кој е одговорен за грабнувањето на неговиот син и оти бил нем сведок на заканите што ги добивал од дипломатот и од амбасадата.
Единствено како грев на новинарот и уредникот им се зема една реченица, со која се претпоставува дека Мијалков престојувал во Прага, односно: „Неофицијално, директорот на УБК, Сашо Мијалков, уште пред празниците е во Прага, каде што поседува бизнис-империја“.
Иако соопштувањето на пресудата беше закажано за 29 декември во 15 часот, минатата година, таа не беше јавно објавена. Обвинетите, иако се појавија во договореното време, судијката, поради дезинфекција на судот, пресудата ја прочитала во 14.30 часот!
Тужителот Мијалков не се појави на ниту едно рочиште, а не достави ни психијатриско вештачење за претрпените душевни болки.