„Фокус“ од Брисел: Почнува министерскиот состанок на НАТО

by fokus

Со изјава на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и официјално започна состанокот на министрите за одбрана на НАТО на кој главна тема ќе биде помошта за Украина во војната со Русија.

Следната недела одбележуваме една година откако започна војната во Украина. Не гледаме знаци дека претседателот Путин се подготвува за мир. Се подготвува за нови напади и офанзива. Затоа е многу важно НАТО партнерите да обезбедат дополнителна помош за Украина. Контактната група за одбрана за Украина (н.з. Рамштајн групата) ќе го адресира токму ова на денешната средба. Како да се обезбеди доволно муниција, но и да се зголемат производствените капацитети на воената индустрија за тоа да може да се постигне и да се обезбедат нашите залихи, изјави Столтенберг пред почетокот на министерскиот состанок.

Министрите ќе зборуваат и како да се подобри и зајакне одвраќањето и одбраната на членките на НАТО алијансата и како да се заштити критичната инфраструктура.

Состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана се одржува денеска и утре во седиштето на НАТО во Брисел се очекува да биде потврдена поддршката за Украина, како и заложбата за имплементација на одлуките донесени на Самитот во Мадрид минатата година, а кои се однесуваат на зајакнување на безбедноста и зачувување на територијалниот интегритет на земјите членки.

Денеска состанок ќе одржи и контактната група за одбрана на Украина, таканаречената Рамштајн група на која се очекува да се потврди одлуката за испраќање на Леопард 2 тенкови.

За Фокус од Брисел
Катерина Смилева Божиновска

 

 

Поврзани новости