Онкологот Драган Јакимовски испрати демант до редакцијата на „Фокус“, бидејќи со објавувањето на неговото име на листата на осомничени лекари кои помагале во делото „Измама“ , за случајот Онкологија, за што е покрената официјална истрага сме го повредиле неговото право за пресумпција на невиност.
Тој тврди дека на „прес-конференцијата“ на ОЈО, неговото име воопшто не било споменато и ние како медиум сме изнесувале невистини и шпекулации.
„Вашите нецелосни и невистинити пишувања ми нанесуваат штета на мојот углед, па со овој демант барам повлекување и јавно извинување, врз основа на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, како објавување на овој демант во целост. Не сум согласен никој да ја валка медицинската професија, а посебно мојата долгогодишна беспрекорна кариера.
Морам да потенцирам дека како доктор се уште работам на Онкологија и секој ден се борам за секој човечки живот и не дозволувам да бидам соучесник и да ги бранам тие што се одговорни за тоа што се случува на Клниката за онколгогија“, се наведува во демантот од онкологот Јакимовски.
Од тука можеме само кратко да се надоврземе дека „Фокус“ во ниту еден момент не го прекршил правото на пресумпција на било кој лекар, па и на доктор Јакимовски. Второ, како и да сака да се правда докторот, сепак тој е еден од тројцата осомничени во помагање во делото „Измама“, што значи дека информациите кои сме ги објавиле се точни, а не шпекулации.
Инаку, во однос на тоа дека треба да се извиниме на докторот, „Фокус“нема никаква намера да се извинува за информации кои се точни и проверени.
Како што веќе објавивме, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, двајцата од Одделот за бели дробови, како и Мери Пешевска од Оддел дојка се тројцата лекари, кои се осомничени за делото „Измама“, но за помагање.
Симонида Црвенкова, Драган Јакимовски од Оддел за бели дробови и Мери Пешевска од Оддел дојка се тројцата лекари осомничени за помагање во делото „Измама“
Според обвинителството, за скандалот Онкологија се отвора истрага против петмина, меѓу кои како првоосмничен е екс директорот на клиниката Нино Васев, како и еконономскиот директор во тоа време Нехат Нухи.
Ирена Мулачка