„Фокус“ на Мијалков треба да му плати над 9 илјади евра за нарушен углед

by lali

Над 9 илјади евра изнесува оштетата што „Фокус“ треба да му ја плати на директорот на Управата за безбедност и контраразнување Сашо Мијалков за нарушен углед.

Апелацискиот суд ја потврди првостепената пресуда – главниот уредник на „Фокус“ Јадранка Костова на Мијалков треба да му плати 5.000 евра, новинарот Владо Апостолов 1.000 евра, а околу 3.3 илјади евра изнесуваат судските трошоци во постапката, кои „солидарно“ паѓаат на товар на тужените.

Текстовите беа објавени во сега згаснатиот дневен весник „Фокус“, каде што беа пренесени изјави од поранешниот амбасадор на Чешка Игор Илиевски, кој тврдеше дека бегал од Чешка поради притисоците од Мијалков. Иако неколку пати беше побарано, Мијалков не одговараше на прашањата на „Фокус“ во кои се бараше негов коментар за обвинувањата.

Еве што за дневниот „Фокус“ изјави ексамбасадорот Илиевски:

– Главната причина зошто бегав од Чешка беше координираната активност на шефот на македонската тајна полиција Сашо Мијалков со неговите пријатели, кои се мошне добро организирани во Чешка.

– Сашо Мијалков, наместо да помогне со имплементацијата на судската мерка врз основа на Виенската конвенција за дипломатски односи како и врз основа на државните договори, застанува на страната на адвокатот и заедно почнуваат масовна акција кон мене со употреба на сите можни средства и методи.

– Понатаму тој раскажува дека Мијалков вршел огромен вербален притисок врз министерот за надворешни работи Никола Поповски и врз претседателот Ѓорге Иванов за да ги тргнат рацете од овој случај.

– Сашо Мијалков го спречи тоа и почна масовен последен напад. За среќа, неуспешен. Мијалков беше нем набљудувач на четирите закани по мојот живот и трите закани за бомба на амбасадата.

– Според Илиевски, Мијалков се ставал на страната на чешкиот адвокат, кој е одговорен за грабнувањето на неговиот син и оти бил нем сведок на заканите што ги добивал од дипломатот и од амбасадата.

За истиот случај тужба од Мијалков доби и Илиевски, кој треба да му плати 10.000 евра оштета. Инаку, ексамбасадарот буквално исчезна по покренувањето на тужбата – не може да се добие на неговиот мобилен телефон и не одговара на електронската пошта.

Во пресудата од Апелацискиот суд се вели дека „досудените износи претставуваат справедлив паричен надоместок за повредата на личните права на тужителот и соодветствуваат на карактерот и природата на навредата“.

Поврзани новости