Анкета на „Фокус“ и „Рејтинг“

by Фокус 10:40
10:40

Во рамки на научноистражувачкиот проект: „Работната сила во Македонија“ за потребите на Фондацијата „Фридрих Еберт“, агенцијата „Рејтинг“, во текот на минатата година, ги испитуваше ставовите и мислењата на вработените и на невработените лица. Ова се дел од наодите од интервјуата водени лице в лице со 800  вработени лица избрани врз основа на репрезентативен примерок од вкупно вработените во Македонија.

НИСКИ ПЛАТИ И ВИСОКА ЗАДОЛЖЕНОСТ?

- Advertisements -

По 22 години независност, клучните проблеми со кои се соочуваат вработените лица во Македонија се ниските плати, невработеноста на членовите од нивните семејства и порастот на цените.

Ниските плати и осиромашувањето стануваат реалност за Македонија. Според податоците од Државниот завод за статистика, околу 15 проценти од вработените лица во Македонија добиваат месечна плата до 10 илјади денари, а четири петтини од вработените месечно добиваат плата под просечната, која изнесува 20.910 денари, или околу 340 евра.

Според  пресметките на Заводот за статистика, само за храна и пијалаци на едно четиричлено семејство му се потребни 12.212 денари или 60 проценти од просечната плата. Сојузот на синдикатите на Македонија не се согласува со оваа пресметка и има направено своја, според која: за нормално, а не луксузно задоволување на потребите на едно четиричлено семејство му се неопходни 30 илјади денари месечно. Од таа сума, 42 проценти се за храна, 13 проценти за струја, вода, греење, 7 проценти за хигиена, 8 проценти за транспорт, 6 проценти за облека и обувки, 4 проценти за култура и 2 проценти за лекови.

Според резултатите од ова истражување, 38,9 проценти од домаќинствата на невработените не се задолжени, но над 60 проценти од домаќинствата се кредитно задолжени, а секое петто домаќинство во кое има вработено лице (18,9 отсто) оценува дека веќе е во големи долгови.

Според информации од банкарскиот сектор во Македонија, нивото на задолженоста на вработените кај банките  расте. Граѓаните, во овој момент, на банките им должат вкупно 1,57 милијарди евра. Дури 944,4 милиони евра се долгови од потрошувачки кредити, кредитни картички и дозволени минуси на тековните сметки. Економистите објаснуваат дека тоа е одраз на слабиот животен стандард и поради тоа граѓаните најмногу се задолжуваат за да ги покријат тековните месечни трошоци. Граѓаните што имаат земено кредити од банките, просечно должат по 1.642 евра.

НЕЗАДОВОЛСТВО ОД НИСКАТА ЦЕНА НА ТРУДОТ

На прашањето што гласеше: Дали загарантираната минимална плата во висина од 8.050 денари е прифатлива за вас, добиени се следниве одговори.

За над 97 проценти од вработените во Македонија, висината на таа загарантирана најниска месечна плата во износ од 8.050 денари или 130 евра за 40 работни часа неделно, која Сојузот на синдикатите на Македонија ја прикажа како „историски успех“ во борбата за работничките права, не е прифатлива.

Според најновите податоци од Евростат, Македонија има најниска висина на загарантирана минимална плата во Европа. Од европските земји, работниците во Бугарија имаат најниска загарантирана месечна плата во износ од 159 евра, во Словенија минималната плата е 784 евра, во Хрватска 374 евра, во Србија 182 евра, во Босна и Херцеговина 161 евро и во Албанија 144 евра.

Загарантираната минимална месечна плата во Македонија е пониска дури од платата на работниците во некои кинески провинции, во кои западните компании произведуваат евтини производи за сметка на ниската цена на работната сила. Така на пример, во мај 2013 година, најниската плата во Кина била регистрирана во централната провинција Анхуи и изнесувала 123 евра, а највисоката во Шангај, каде што изнесувала 197 евра.

И СО НИСКИ ПЛАТИ РАБОТНИТЕ МЕСТА НЕ СЕ СИГУРНИ?

Еден од основните стравови за голем број од вработените во Македонија е и опасноста од губење на сегашното работно место. Причината за тоа е што тешко се доаѓа до првото работно место, а втората е што ако се остане без работа, голем број од вработените, особено лицата над 50-годишна возраст и помалку образованите можеби никогаш повеќе не би нашле работа.

Како што може да се види, добиените одговори на прашањето што гласеше: Ако останете без работа, во кој рок може да се надеваат дека би нашле нова работа, ако се случи да останат без работа, околу 40 проценти од моментално вработените, не се сигурни дали воопшто би нашле работа во Македонија во догледно време. Од вработените на возраст меѓу 50 и 65 години, дури 69 проценти одговориле дека во случај да ја изгубат работата, не се сигурни дали во догледно време би нашле повторно работа, а таков одговор дале и 57 проценти од вработените со завршено до основно образование.

МАЛИ СЕ ШАНСИТЕ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ПРАВДАТА ДА ЈА ИСТЕРААТ НА СУД

Со истражувањето се добија низа информации за непочитување на правата на вработените од страна на работодавците. Бидејќи се претпоставуваа такви одговори, на вработените им беше поставено следново прашање: Ако ви биде нанесена некоја неправда на работното место, колкава е шансата да ја истерате правдата на суд? На ова прашање се добиени следниве одговори:

Како што може да се види од добиените одговори, околу 70 проценти од вработените сметаат дека ако им биде нанесена некоја неправда на работното место, тие имаат сосема мали или речиси немаат каква било шанса своите права да ги заштитат на суд.

Во овој поглед, особено се мали шансите на вработените со пониски месечни примања (кои не можат финансиски да си дозволат да водат судски спорови со работодавците); лицата со основно образование (кои лесно би можеле да останат без работа во услови на голема невработеност) и вработените лица од возрасната група меѓу 50-65 години), кај кои е најголем стравот дека во случај на останување без работа, не ќе можат да најдат ново вработување.

Ова чувство на вработените е веројатно предизвикано и од фактот што над 60 проценти од нив немаат доверба во македонското судство.

Во околности кога е недостапна соодветната судска заштита од повреди на правата од работен однос, истражувањето покажува дека голем број од работниците не добиваат надомест за работно време подолго од 40 часа неделно, за работа во ноќни смени или работа за време на државни празници.

Дури 12 проценти од вработените во Македонија изјавуваат дека се жртва на мобинг на своите работни места, а меѓу жените тој процент изнесува над 15 проценти. Нешто помалку од 10 проценти од вработените во Македонија изјавуваат дека на работното место се политички дискриминирани. Но, меѓу вработените во јавната администрација на централно и локално ниво, процентот на оние што одговараат дека се изложени на политичка дискриминација е над 20 проценти.

Во такви околности, дури 26 проценти од вработените во Македонија изјавуваат дека се членови на некоја од политичките партии и веројатно се обидуваат преку членството во партиите да ги заштитат своите права од работниот однос. Околу 63 проценти од нив, исто така, изјавуваат дека немаат доверба и во политичките партии.

СЛАБА СИНДИКАЛНАТА ОРГАНИЗИРАНОСТ И ЗАШТИТЕНОСТ НА ВРАБОТЕНИТЕ

До пред независноста на Македонија, речиси сите вработени членуваа во единствената синдикална организација. Денес по 22 години независност и променети сопственички и економски односи само околу 24 проценти од вработените се членови на некоја синдикална организација.

Синдикалното организирање на работниците денес главно е привилегија на вработените во јавниот сектор во кој синдикално се организирани 48,5 проценти од вработените, а многу малку во доминантниот приватен сектор, во кој само 6,8 проценти од вработените се синдикално организирани.

Од вкупно 65 илјади деловни субјекти во Македонија, само во 2.000 од нив (и тоа во поголемите) се регистрирани синдикални организации. Синдикални организации постојат во компании од областа на јавниот сектор во кои се вработени над 100 лица, додека во помалите не постојат или од страна на работодавците не е дозволено синдикалното организирање.

Најдобро се организирани и најбројно е синдикалното членство во образованието 57 проценти, потоа во здравството 50 проценти, во управата, правосудството и во јавната администрација 42 проценти, а најмалку во индустријата и во рударството 8 проценти, трговијата и во угостителството 4 проценти.

Улогата на синдикатите во заштитата на работничките права, најголем број од вработените ја оценуваат како слаба или како многу слаба.

Ваквата негативна оцена за улогата на синдикатите е особено распространета меѓу вработените во приватниот сектор, кои се најмалку синдикално организирани и чии права од работниот однос се значително помалку заштитени од правата на вработените во државната администрација и во јавниот сектор.

Зошто тоа се случува, станува јасно од одговорот на прашањето кое гласеше: Колку се согласувате со тврдењето дека синдикалните лидери во земјава се корумпирани?

ВРСКИТЕ СЕ ПОВАЖНИ ОД КВАЛИФИКУВАНОСТА

Иако не е мал бројот на вработените што се согласуваат со тврдењето дека со напорна работа секој човек може да успее во животот и во Македонија, најголемиот број од вработените се согласуваат со тврдењето: „Денес можеш да се збогатиш само ако не го почитуваш законот“ и со тврдењето: „За успех се поважни врските од стручноста“.

Со тврдењето дека денес за успех во Македонија се поважни врските од способноста и квалификуваноста на човекот се согласуваат над 77 проценти од  вработените, или со други зборови т.н. мерит систем, односно системот за напредување според заслугите кај нас е заменет со споил системот, односно систем за напредување според блискоста до политичката партија на власт или роднинско-пријателските односи со моќните во општеството.