Пишува
Ирена МУЛАЧКА
Меѓу канидатите за пратеници се и доктор Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести и доктор Андон Чибишев, прв човек на Токсикологија.
Софијанова е четврта по ред во првата изборна единица, додека доктор Чибишев е десети, во истата изборна единица.
Директорката на Детската клиника, пред еден месец покрена иницијатива за поддршка на кандидатот за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓе Иванов, на што и се приклучија, некои од нејзините колеги, кои се најдоа на вмровските листи, што беа објавени вчера.
Уште пред јавно да се објават листите за пратеници, во петок на митингот на Иванов во Кавадарци се појави доктор Чибишев, кој нагласи дека иницијативата за поддршка на екс претседателот се случила многу спонтано, помеѓу нивните колеги во Клиничкиот Центар.
– Значи тоа беше во периодот, кога не се знаеше кои партии кого ќе кандидираат. Ние се договоривме да му дадеме поддршка и морам да ви признаам дека добивме таква огромна поддршка, таков голем интерес за поддршка за повторен мандат на претседателот Иванов што дури и ние бевме многу пријатно изненадени – изјави доктор Чибишев.
Карактеристично за Софијанова и за Чибишев е тоа што, за време на штрајкот на лекарите, тие беа во првите борбени редови кога се организираше контраштрајкот пред Министерство за здравство. Тие, во тој период тврдеа, дека плаќањето по учинок е проект, кој може да им донесе само добро на лекарите, а на тој начин, секој ќе биде платен според тоа – колку сработил?
На контрапротестот се појави и Боби Бојчевски од Здравствен дом „Скопје“, кој е деветнаести по ред во втората изборна единица.
Освен директори на клиники, на листите за кандидати за пратеници се најдоа и директори на театри. Јелена Жугиќ, директорка на театар „Комедија“ е девета по ред во првата изборна единица. Таа беше предводник на контрапротестот на актерите на 24 декември, црниот понеделник, кога се носеше буџетот. Дел од нив тврдеа дека ќе одат пред седиштето на СДСМ на Бихачка и ќе ги молат да се донесе буџетот.